Тест: Peugeot 301 1.6 Active Blue HDi 100 КС – Направен за да ве служи

ОБЈАВЕНО НА:

Peugeot 301 не е убав автомобил, туку пред сѐ функционален. Има простор, едноставен е, евтин за одржување, економичен и што помалку комплициран при евентуални дефекти. Тоа е добитната комбинација.

Намената на Peugeot 301 отсекогаш била да му служи на сопственикот, неговото семејство, па ако треба и за бизнис работа. Наменет за пазари во развој, каде има и полоши патишта, и онаму каде луѓето немаат средства да одржуваат повеќе од еден автомобил. А Peugeot 301 е автомобил што ќе ве служи со години, ако и вие го служите него. Малку бара, а многу дава.

Peugeot 301 не е убав автомобил, туку пред сѐ функционален. Има простор, едноставен е, евтин за одржување, економичен и што помалку комплициран при евентуални дефекти. Тоа е добитната комбинација. За пет години колку што претходната серија беше на пазарот се продадоа над 360.000 возила. А тоа не е за потценување.
А бидејќи секоја година технологијата оди напред, и овие модели треба да бидат подобрени, и редизајнирани, и во тек со барањата. И не само на пазарите во развој, Peugeot 301 доби популарност и во другите земји.

Ова е седан возило каде најголемиот благодет од меѓуоскиното растојание ќе го почувствуваат оние што се на задната клупа, или кога ќе решите нешто да пренесете во багажникот. Ако се пакувате за одмор, ќе бидете изненадени што сѐ може да собере во задниот дел од возилото.
Висината од 142 мм. од тлото е нешто што го нема баш кај сите вообичаени модели. Така можете да го качувате на тротоар без проблеми, па дури и ако решите за момент наместо на асфалтиран пат, да возите по некоја калдрма, или пат што е во изградба. Нерамнините нема многу да му пречат.

Peugeot 301 доби обновен дизајн на каросеријата за да ги задоволи очекувањата на модерните купувачи на пазарите каде што се продава. Тоа се гледа по предниот дел, каде до израз доаѓаат најновите стилски правци на брендот.
Вградени се нови светла и прецизно изработени детали. Со новите светла за магл авградени се и ЛЕД дневни светла кои сега го нагласуваат токму предниот дел. Новиот браник е со склад со актуелните дизајнерски правци и сега брендот на овој модел ја изразува робусноста и ширината.

Страничниот изглед останува ист, а со нависокото ниво на опременоста доаѓаат и нови 16 инчни тркала. Разликата меѓу средното и највисоко ниво на опременост е многу мала, и се работи за детали.
Задниот дел на 301 доби нови тродимензионални светла. Со нив е зголемено чувството за ширина на автомобилот. Нема да ви се допадне што нема да можете да го отворите багажникот сами, освен ако немате клуч во рака или пак тоа го сторите од внатрешноста на возилото. Едноставно нема квака ниту копче на вратата од багажникот. Тоа е дел од приказната за поевтин автомобил каде функционалноста е најважна.

А такви детали ќе најдете и во внатрешност, пред сѐ кај копчињата за предните стакла. Иако електронски се контролираат, тие наместо на вратат се наоѓаат пред рачката на менувачот. Се разбира, заради заштеда. Истото се однесува и со „полните тапацири“ во вратите. Нема прегради за оставање дребулии. Функционалност пред сѐ. А во багажникот нема фини тапацири, бидејќи намената на багажникот е пренос на предмети, па затоа нема луксуз.

Обновениот 301 добива и редизјанирана централна конзола со детали кои варираат во однос на нивото на опременост. Материјалите се бирани да се нагласи робусноста и едноставното одржување, а да се задржи дозата на елеганција. И инструмент таблата има нова графика на аналогните мерни инструменти. Сега моделот има и подобрена удобност и подобра звучна изолација.

Со должина од 4445 мм. должина и меѓуоскино растојание од 2652 мм. четири патници без проблем се превезуваат, па дури и петтиот ќе има доволно комфор. Најмногу слободно место има за колената за патниците на задната клупа, и тоа е еден од адутите на возилото. Задната клупа се дели во сооднос 60:40, а заради заштеди повторно, наслоните за глава се вградени на седиштата.
Ако случајно имате потреба за повеќе багажен простор од стандардните 600 литри, тогаш со спуштање на едната и двете страни, доаѓате до одлични 1.332 литри.

Она што навистина вреди е моторот. Овој мотор на PSA, 1.6 литарски HDI. Сега моторот има 100 КС, што е за 8 КС повеќе од претходната генерација. И плус 254 Нм. вртежен момент. Потрошувачката е според фабриката само 3,4 литри, но дури и со мало „преувеличување“ ова е далеку најштедлив дизелски агрегат. Ако возите домаќински тогаш оваа потрошувачка без проблем ќе ја постигнете.
И повторно доаѓаме до заклучокот. Peugeot 301 e наменет да ве служи, и во тоа можете да се уверите. Тој е добар пријател за вашиот буџет, вашиот бизнис и семејство

* Повеќе за Peugeot 301

* Ценовник и технички каратеристики

текст: Горан Антевски
Фото: Орце Поповски

Фото галерија:

Следете не и на:

24AUTO NETWORK