Овој апарат е во групата “mirrorless” односно го нема огледалото, призмата и сензорот за фокусирање. Канон подолго време ја игнорираше оваа категорија на апарати и сега брза да се приклучи на групата која убедливо ја води Сони. Затоа во овој апарат имат ставено квалитетни компоненти
текст и фотографија:
Орце Поповски, 16 март 2018
Кога цело време возиш џип, на автомобилите како Mini почнуваш да гледаш со потсмев, што е комплетно погрешен пристап. Таков е и односот на голем дел од фотографите кон овој апарат, и тоа е погрешно. Како што Mini е наменет за луѓе кои знаат што сакаат, кои се млади во душа и тело, сакаат да се движат со леснотија низ урбаната џунгла и немаат потреба од голем багаж за да носат колички за деца, санки и други тракатанци кои ги наметнува фамилијарниот живот, и оваа комбинација на апарат и објектив е наменета за нив.
- APS-C Cmos сензор со 24 Мпиксели
- 3,2 инчен екран кој може да се движи горе доле
- ХД видео 1080р
Сензорот ни е познат од Canon EOS 80D, со осетливост на ИСО од 100 до 25.000, што гарантира одлични фотографии и топли бои, какви што има само Канон, а во што може да се уверите во фотографијата на цветот од една од моите орхидеи. Со можноста да снимате JPG и RAW фајлови ослободени сте од стравот дека може да погрешите во некој сетап при фотографирањето, може да ја корегирате белата боја (баланс на бело), може да затемните или осветлите некоја фотографија, или ништо да не правите доколку JPG фајлот е ОК.
Бидејки сензорот е од новата генерација на Канон можете без никаков проблем да фотографирате со ИСО1600, кај вредностите над ИСО 1600 до ИСО 3200 се забележува малку шум во боите, додека деталите почнуваат да страдаат над вредностите од ИСО 6400. Но доколу фотографиите ви се наменети за објавување на интернет или ќе печатите фотографии од мал формат ова ке може да го забележат само добро истренирани очи на некој искусен фотограф. Разликата во големината на дигиталниот шум може да се види во делот од цветот кој е во сенка.
Може да се фотографираат 7 фотографии во секунда со активен фокус и мерење на светлото до 31 фајл, а потоа брзината се намалува на 4 фотографии во секунда се додека не се наполни картицата или 9 фотографии во секунда со заклучен фокус и мерење, максимално може да се фотографираат 26 ЈПГ. Или на Македонски кажано, и повеќе од доволно за секој посериозен фотограф.
Системот за фокусирање се наоѓа на сензорот, а е од типот Dual Pixel CMOS AF со 49 фокусни точки и е во комбинација со новиот DIGIC7 процесорот. Оваа комбинација работи одлично, но понекогаш на апаратот му е потребно малку повеке време да исфокусира. Ова мислам дека инжењерите од Канон ке го средат во некоја следена верзија на софтверот. Кога ќе го лоцира предметот на фокусирање тогаш системот не го испушта се до крајот на фотографирањето, понекогаш знае и да згреши но ако се земе во предвид дека фотографирав птици и змаеви, може да му се прости и по некоја грешка.
За сите ке биде многу природна и опцијата за селектирање на фокусни точки преку екранот осетлив на допир, дури и при снимање на видео може да селектирате точки на фокусирање и апаратот сам да го префрли фокусот со мазна транзиција. Имав смешна ситуација кога гледав низ Електронскиот прегледник (ВЈУФАЈНДЕР) со носот го допирав големиот екран, а со тоа ја менував точката на фокусирање, дури по некое време почнав со нос да фокусирам, среќа не бев настинат. Овој проблем се реши со помош на опцијата за селекција на пола екран за фокусирање, постојат можности за повеќе селекции но јас одбрав десната страна и многу природно се селектираше со палецот.
Електронскиот прегледник (ВЈУФАЈНДЕР) е одличен со фрекфенција на освежување од 120Хц и е прегледен со добар распоред на информациите, така да за сите оние како мене научени да гледаат низ призмата се е природно.
Екранот е осетлив на допир и со негова помош многу лесно може да се контролира работата на апаратот како и да се подесуваат разните параметри. Со резолуција од 1.620.00 точки, овозможува лесна прегледност на фотографиите и проверка на фокусот.
Се движи нагоре за 90 степени, оваа позиција е ограничена поради електронскиот екран кој е испакнат наназат. Опцијата за надоле 180 степени не ми е баш најјасна бидејки ако сакаш селфи да правиш треба да го поставиш на трипод, а тогаш нема да може да го отвориш целосно екранот поради папучата за стативот, а ако го свртиш наопаку чудно ке те гледаат другите. Но битно е да се знае дека го има па можеби во некоја чудна ситуација ке ти затреба.
Ова е апарат со можност за промена на објективите, но од мое лично искуство кога купуваш мал апарат не го купуваш за да менуваш објективи, туку да си лесен и опремен со комплетен пакет за фотографирање во разни ситуации. Објективот кој дојде со апаратот е Canon EF-M 18-150mm f/3.5-6.3 IS STM односно кај апарат со голем сензор е 28 – 240мм , повеќе од доволно за било која ситуација во која може да се најдете. Подобро би било кога би бил и светлосно поосетлив, барем со константен отвор на бленда од Ф4. Но и вака е како швајцарско ноже, стабилизаторот на слика овозможува да се компензира делумно блендата која веке од 50мм е Ф5,6 ,а од 60мм па се до 150мм е ф6,3. Изборот на објективи е малку ограничен, но кога јас би бирал би го земал и Canon EF-M 11-22mm f/4-5.6 IS STM и би имал идеален комплет за патување.
Заедно со овој апарат го добив и адаптерот Canon EF-EOS M со кој може да се прикачи било кој EF или EF-S објектив на М5, но и тука веќе како кај Сони се губи смислата на поседување на мал апарат на кој ке закачувате големи објективи, пак ке завршите со торба тешка неколку килограми. Но и цената на адаптерот не е за потценување.
Со својот изглед овој апарат потсетува на некој голем ДСЛР од линијата на Канон, распоредот на копчиња е одличен иако е мало телото. На горната плоча кај дугмето за фотографирање се наоѓа прстен со кој се регулира вредноста која ни е промелнива, односно отворот на блендата или брзина на фотографирање.
До него е и прстенот со кој можеме мануелно да наместиме дали фотографијата да ни биде посветла или потемна, а се користи во случаеви кога имаме јако светло од позадина или некоја друга ситуација која го лаже сензорот, како на пример скопскиот снег, оваа вредност се движи од +3 до -3 бленди.
На последниот прстен се наоѓа и прекинувач со кој може да бираме дали ке менуваме ИСО осетливост или Баланс на Бело, а во случај на мануелно фотографирање се менува вредноста на отворот на блендата. Да не го заборавам блицот кој се покажа како доста корисен во разни ситуации каде не е доволно светло или треба да се фотографира нешто брзо, како деца на роденден.
На десната страна е округлиот прекинувач на кој се наредени опциите за работа со можност на меморирање на две лични сетирања за фотографирање.
Видеото се сведува на снимање со максимален квалитет од ХД од 1080р со 50 слики во секунда за ПАЛ стандардот и 60 слики во секунда за НТСЦ стандардот. Во време кога и поновите мобилни телефони имаат 4К видеоа, се чудам зашто не го вклучиле и тој формат во овој модел кога Канон беше прв производител кој го вклучи видеото во ДСЛР апаратите. Да не ме сватите погрешно, ХД видеото си одлично и за голем дел од корисниците ке биде и повеќе од доволно, бидејки 4К видеата бараат и помоќни копмјутери за да се обработат. Доколку го имаше 4К на овој апарат тогаш ке беше рамо до рамо со производите на Сони, Фуџи и Панасоник, вака сите оние кои имаат потреба од 4К видео едноставно ке го прескокнат.
Батеријата на овој апарат е мала и затоа препорачувам да си носите уште една резервна со вас за да не се мислите дали ке може да сликате цел ден или не. Но ова правило за резервна батерија важи за секој апарат и поозбилен фотограф.
Можноста за поврзување на овој апарат со вашиот мобилен телефон и лаптоп компјутер е одлична. На оваа конективност на апаратите Канон и посветува големо внимание во ова се уверив уште на првиот тест на Canon EOS 1300 , кој може да го прочитате на следниов линк http://popphoto.mk/blogentry/na-svoeto-mesto-spremen-fotografira-canon-eos-1300d,
За крај само да кажам дека Канон со овој апарат навлегува поозбилно во водите на “Mirrorless” апаратите, и како што велат дека во блиска иднина ке настапат поагресивно со нови модели и поголем избор на објективи за нив. Јас на моите тест сесии со него успеав да направам убави и драги фотографии, секако дека и овој апарат бара да седнете со 5, 6 кафиња да го прочитате упатството.
Пред неколу недели Канон го најави и најновиот апарат од ова семејство во кој има 4К видео, екранот е подобро решен, но другото е горе/доле се исто со М5.
Затоа ако ви треба нешто мало и симпатично, моќно по своите карактеристики, а не ви треба 4К видео топло ви го препорачувам овој апарат со неговиот објектив со кој ке може да ги забележите сите патувања и збиднувања со леснотија и без тежината на ранец од 10 килограми.
во продолжение е линкот до страната на Пикс Плус.
http://www.pixplus.com.mk/canon-eos-m5-mirrorless-digital-camera-with-18-150mm-lens.html