Возачите често прават една честа грешка – веднаш штом ќе влезат во прегреан автомобил, првото нешто што го прават е вклучување на климата на најјако, надевајќи се дека кабината ќе се олади што е можно побрзо. Се покажува дека тоа всушност е контрапродуктивно.
Стручњаците истакнуваат дека многу автомобили денес се опремени со темна внатрешност, често со кожни седишта, кои дополнително ја апсорбираат и задржуваат топлината.
Ако возилото било паркирано директно на сонце, температурата во кабината може да надмине дури 50 степени Целзиусови – што практично го претвора автомобилот во подвижна сауна.
Кит Хавс, директор на компанијата “Nationwide Vehicle Contracts, објаснува зошто е лоша идеја веднаш да се вклучи климата:
„Во суштина, во тој момент барате од клима уредот да води изгубена битка. Летно време, воздухот во автомобилот често е потопол отколку надвор. Ако веднаш ја вклучите климата – особено во режим на рециркулација – само го вртите врелиот воздух во круг и го форсирате системот да работи залудно“, вели тој.
Дополнително, прегреаниот волан, сигурносните појаси и седиштата зрачат топлина во кабината и го отежнуваат нејзиното ладење.
Наместо тоа, стручњаците советуваат следниве чекори:
Најпрво, отворете ги сите врати и прозорци на 30 до 60 секунди за да излезе што е можно повеќе топлина од автомобилот. Потоа започнете да возите со отворени прозорци уште неколку минути, за свежиот надворешен воздух да го замени врелиот внатрешен. Дури потоа вклучете ја климата – но никако во режим на рециркулација, бидејќи целта е поладниот воздух однадвор да влезе во кабината, а не да се користи преостанатата топлина однатре.
На овој начин, клима уредот ќе работи поефикасно, побрзо ќе се оладите, а и системот помалку ќе се троши.









