Автомобилскиот гигант Stellantis, под чија капа се наоѓаат 14 брендови, ја заврши првата половина од 2025 година со нето загуба од 2,3 милијарди евра и пад на приходите од 13% во споредба со истиот период минатата година.
Според податоците објавени од Motor1, продажбата во клучните региони била разочарувачка. Во Северна Америка, испораките опаднале за 23% поради царински ограничувања. Во проширената Европа, пак, забележан е пад од 7%, што се припишува на бавното воведување на нови модели во B-сегментот.
Stellantis се соочува со предизвици и во Кина, Индија и Азија-Пацифик регионот, додека Јужна Америка бележи позитивен резултат со зголемување на продажбата од 20%. Во Блискиот Исток и Африка, пак, порастот изнесува 5%. Севкупно, групацијата испорачала 2,69 милиони возила, што е пад од 8% споредено со истиот период во 2024 година.
Новоназначениот извршен директор Антонио Филоса предупредува дека стабилизирањето на Stellantis ќе бара непопуларни потези:
„Иако сме свесни за предизвиците, ќе продолжиме да носиме тешки, но неопходни одлуки за повторно враќање на профитабилноста и подобрување на перформансите,“ изјави Филоса.
Иако не откри детали за конкретните мерки, Stellantis решително негира гласини за продажба на Maserati, и покрај драматичниот пад во продажбата. Овој италијански бренд во 2024 година испорача само 11.300 возила – пад од 57% во однос на 2023, а до јуни 2025 има продадено само 4.200 возила (минус 35% споредено со лани).
И покрај тешкотиите, Stellantis пријавува 200.000 нарачки за Avenger за само две години – модел кој не се продава во САД. До крајот на 2025 година се очекува офанзива на нови модели, меѓу кои:
* Во Европа: Jeep Compass, Citroen C5 Aircross, DS N°8 и Fiat 500 Hybrid
* Во САД: Jeep Cherokee, Dodge Charger Sixpack и Ram 1500 со 5.7-литарски HEMI V8 мотор
Компанијата, исто така, ги крати трошоците со укинување на програмата за водородни горивни ќелии и „откажување на производствени програми“.
Stellantis има тешкотии со повеќе свои брендови:
* Lancia: Испораките паднати за 73,8% до јуни (EU+EFTA+UK регион)
* DS Automobiles: Минус 20,2%
* Opel/Vauxhall и Citroën: Двоцифрени падови
Од позитивната страна, Alfa Romeo бележи раст од 33%, додека Peugeot и Jeep покажуваат умерени добивки.









