Рекламна кампања на кинескиот производител BYD беше забранета во Италија по официјална жалба од автомобилскиот гигант Stellantis. Италијанскиот регулатор оцени дека пораките во рекламата ги прекршуваат правилата за фер рекламирање и директно ја нарушуваат репутацијата на конкурентот.
Спорната реклама била дел од промотивна кампања со која BYD нудел значителен финансиски бонус за возачи кои ќе се откажат од возила со бензински мотори. Иако не биле директно наведени брендови, пораката јасно алудирала на одредени мотори на Stellantis, кои во минатото биле предмет на технички проблеми и сервисни акции.
Регулаторното тело оцени дека ваквиот пристап претставува недозволено споредување и индиректно дискредитирање на конкурент, што е спротивно на националните стандарди за рекламирање. Поради тоа, кампањата морала веднаш да биде повлечена од јавноста.
Од Stellantis ја поздравија одлуката, истакнувајќи дека таа е важна за заштита на потрошувачите од манипулативни и неточни маркетинг пораки. Од друга страна, случајот дополнително ја нагласува растечката тензија меѓу европските производители и кинеските компании кои агресивно го освојуваат пазарот на електрични возила.
Инцидентот доаѓа во чувствителен момент за европската автомобилска индустрија, која се соочува со силна конкуренција од Кина, притисок за електрификација и сè построги регулативи. Забраната на рекламата на BYD јасно покажува дека битката повеќе не се води само на патиштата и салоните, туку и на полето на маркетингот и регулативата.









