Stellantis во следните три години планира да го намали производството во своите француски фабрики, додека групацијата се бори со посилен пад на побарувачката во Европа од конкурентите и со хроничен проблем на вишок капацитети. Според синдикалните пресметки, базирани на презентации на компанијата, производството во петте француски монтажни погони треба да се намали за околу 11% во периодот од 2025 до 2028 година.
Во 2025 година фабриките во Франција произведиле нешто над 661.000 возила, што претставува опоравување од 2024 година, кога производството паднало на околу 565.000 поради високи залихи и ослабена побарувачка. Но до 2028 година Stellantis очекува обемот да падне под 590.000 возила годишно, што значи постепено намалување на обемот во сите пет фабрики.
Особено чувствителна точка е погонот во Поиси, во регионот Ил-де-Франс, каде се вработени околу 2.000 луѓе. Таму моментално се произведуваат два модели што се ближат до крајот на својот животен циклус до 2028 година, а синдикатите предупредуваат дека производството би можело да падне од над 90.000 возила во 2025 на околу 55.000 до 2028 година. Компанијата најави инвестиција од 20 милиони евра во металопреработка и рециклирање на локацијата, со отворање околу 200 нови работни места, но досега нема доделено нов проект за автомобил по 2028 година, што дополнително ја зголемува неизвесноста.
Проблемите не се само на хартија. Уште во текот на 2025 година Stellantis веќе неколку пати привремено ги запираше линиите во Франција и во други европски фабрики. Во Милхаус, во североисточна Франција, производството беше целосно стопирано една недела кон крајот на октомври, што погоди околу 2.000 од вкупно 4.700 работници. Причината: слаба побарувачка во Европа и потреба поагресивно да се намалат залихите пред крајот на годината. Слични паузи имаше и во Сошо и Поиси, како и во неколку погони надвор од Франција.
Синдикатите предупредуваат дека ваквите одлуки доаѓаат во момент кога европското производство на автомобили и онака е значително под нивото од пред неколку години. Според една анализа, вкупното производство на лесни возила во Европа во 2024 година било повеќе од 30% пониско во однос на 2017, а Stellantis е меѓу групациите со најстрмен пад. Тоа дополнително го отвора прашањето: дали сегашните привремени запирања и „сечење“ на обемот нема да прераснат во трајни затворања на линии или дури фабрики.
Раководството на Stellantis, од своја страна, аргументира дека мора да го приспособи капацитетот на „тешкиот“ европски пазар, каде продажбата е пониска, конкуренцијата од кинеските брендови расте, а истовремено треба да се инвестира во електрификација и нови технологии. Новиот извршен директор Антонио Филоса најави дека на почетокот на 2026 година ќе претстави нов стратешки план, кој треба да ги балансира три цели: декарбонизација, заштита на работните места и одржување на цените на автомобилите на ниво прифатливо за купувачите.









