Возилата на електричен и хибриден погон коишто ќе се продаваат во САД ќе мораат од 2020 година да бидат опремени со надворешни звучници кои ќе емитуваат звучен сигнал при мали брзини за да можат да ги предупредат пешаците за нивното наидување.
Покрај тоа што тие не го загадуваат воздухот во околината во која што се движат, возилата на електричен погон делуваат позитивно и на сетилото за слух со оглед на тоа што се многу тивки, а при мали брзини се практично бесшумни.
Од една страна електромобилите претставуваат голем допринос за големите градови со оглед на тоа ја смалуваат загаденоста тие претставуваат потенцијална опасност за пешаците кои не можат да ги слушнат особено кога возилото се движи со брзина до 30 км/ч.
Овој недостаток е препознаен како проблем пред неколку години кога прво хибридните, а потоа и електричните автомобили почнаа да се појавуваат. Затоа властите во САД пропишаа од септември 2020 година сите возила кои користат електромотор да мораат да емитуваат јасен, константен и доволно силен звук (особено при возење до брзина од 30 км/ч) со кој пешаците, велосипедистите и слепите лица ќе можат да бидат предупредени дека наидува возило.
Еден од најзастапените произведувачи на електрични автомобили, јапонскиот Nissan, сугерираше дека е доволно овој звук да се емитува само до 20 км/ч, но американската Национална агенција за безбедност во сообраќајот (NHTSA) не го усвои овој прдлог.
Од NHTSA има проценка дека шансите пешак да биде повреден од страна на електрично или хибрдино возило во моментов се за 19 проценти поголеми отколку повреди да му нанесе автомобил со мотор со внатрешно согорување.