Lancia наполни 119 години – речиси еден век и пол приказна за италијански стил, инженерска храброст и автомобили кои редовно стануваат икони. Од првиот 12 HP во 1908 година, преку Aurelia и Delta Integrale, па сè до новиот Ypsilon, брендот постојано меша технички иновации со чист, елегантен дизајн и малку италијанска драма.
Како започна легендата
Сè почнува во Торино, на 27 ноември 1906 година, кога Vincenzo Lancia и Claudio Fogolin, двајца поранешни луѓе од Fiat и веќе длабоко во тркачкиот свет, решаваат да создадат свој бренд. Веќе во 1908 година се појавува првиот модел – Lancia 12 HP, авангарден за своето време, со низок и лесен шаси, кардан наместо синџири и технички решенија кои јасно покажуваат дека ова не е уште еден обичен автомобил.
Во следните децении доаѓаат Lambda, Augusta, Aprilia – модели кои внесуваат рафинираност и напредна техника, а во 1950 година пристигнува Aurelia, првиот сериски автомобил во светот со V6 мотор. Успесите на патеките го инспирираат синот на основачот, Gianni Lancia, да создаде посебен тркачки оддел – Scuderia Lancia.
Во 60-тите и 70-тите, Lancia се свртува кон повисоките класи и паралелно ја гради својата рали митологија: Stratos, 037 и Delta доминираат повеќе од две децении, освојувајќи титули во Светскиот рели шампионат и победи на Mille Miglia, Targa Florio и Carrera Panamericana. Тоа е златната ера во која Lancia станува најтрофејниот бренд во историјата на рели натпреварите.

Од мали градски икони до Ypsilon
Надвор од трките, 1985 година го носи Y10 – мал, но многу стилски градски автомобил кој го менува поимот за „урбан chic“. Од него почнува приказната за Ypsilon, кој со години е апсолутен хит во Италија: 4 генерации, повеќе од 30 специјални серии и долгорочна доминација во својот сегмент.
Ypsilon стана автомобил кој не го купуваш само затоа што ти треба, туку затоа што ти се допаѓа – како моден детал со четири тркала.
Новата ера: New Ypsilon, HF и интелигентна технологија
Денес, штафетата ја презема New Ypsilon, моделот кој официјално го отвора новото поглавје на брендот. Дизајнот е современ, но со јасни потсетници на славните предци: меки, „флуидни“ форми инспирирани од Aurelia и Flaminia, заоблени задни светла кои потсетуваат на Stratos и модерна интерпретација на препознатливата Lancia решетка.
Во внатрешноста, нагласен е италијанскиот дух: рафинирани материјали како рециклирана кожа и рипс-велур, централна „масичка“ која делува како мал дневен престој во автомобил и детали што повеќе личат на дизајнерски ентериер отколку на класична кабина.
Технологијата оди рака под рака со стилот: New Ypsilon ја носи и премиерата на S.A.L.A. – првиот виртуелен и интелигентен интерфејс на Stellantis, замислен да ја направи технологијата едноставна, интуитивна и ненаметлива. Моделот е достапен и како 100% електричен и како хибрид, што совршено се вклопува во „ренесансата“ која Lancia официјално ја започна со 10-годишен стратегиски план.
Гамата ја заокружуваат Ypsilon HF – спортската верзија која го враќа легендарниот црвен слон и поагресивен карактер – и Ypsilon HF Line, дизајнерска варијанта што ги носи визуелните кодови на HF во секојдневието.

Стил што не старее: дизајн, детали, имиџ
Lancia отсекогаш значела нешто повеќе од „убав автомобил“. Тоа е концентрат од италијански стил: елеганција без вишок, креативност без кич и технички решенија кои се паметни, а однадвор изгледаат природно и чисто.
Модели како Aurelia, Flaminia, Fulvia, Beta HPE, Gamma, Delta, Stratos и 037 денес се вистински култни објекти. Секој со своја силна личност – некој рафиниран, некој остар и спортски, а некој дрско смел – но сите со стил кој не старее.
Брендот често бил чекор пред трендовите: врати без централна рамка уште во 30-тите, аеродинамична Aprilia кога повеќето автомобили сè уште биле „кутии на тркала“, Aurelia B24 Spider со силуета без рачки за да се сочува чистата линија. Иако денес зборуваме за UX и минимализам, Lancia тоа практикува со децении.
Дури и логото и имињата на моделите се посебна приказна: од едноставниот рано-20-вековен натпис, до штитот со волан, копје и знаме од 1911 година, па до модерните интерпретации. Kappa, Lambda, Dilambda, Augusta, Aprilia, Aurelia, Flavia, Fulvia, Beta, Gamma, Delta… буквално звучат како историја по латински и грчки.
Рели ДНК што се враќа на сцената
Рели досието на Lancia е легенда само по себе: 11 конструкторски титули во Светскиот рели шампионат, три титули во Светскиот шампионат за издржливост и победи на најлегендарните трки на планетата. Stratos, 037 и Delta не се само модели, туку икони на цела ера.
Таа традиција сега оживува повторно. New Ypsilon Rally4 HF веќе се појави како ѕвезда на Trofeo Lancia – куп серија која ги враќа приватните тимови, младите возачи и „црвениот слон“ во акција. Следниот чекор е Ypsilon Rally2 HF Integrale, развиен за највисоко ниво на натпреварување и враќање на брендот на светската сцена.
Во јануари 2026 година, Lancia ќе дебитира во WRC2 на Rallye Monte-Carlo – совршено место за продолжение на епската рали приказна.
Lancia и филмот: Dolce Vita на четири тркала
Lancia одамна не е само автомобилски бренд, туку дел од италијанската култура. Не е случајно што нејзините модели постојано се појавуваат на филмско платно и покрај најголемите ѕвезди.
Уште од немите филмови во Торино, преку „телефони бјанки“ продукциите, па до годините на Dolce Vita, Lancia е редовен гостин на филмските сетови. Claudia Cardinale, Anita Ekberg, Jean-Paul Belmondo, Marcello Mastroianni, Brigitte Bardot – сите во разни Lancia модели, од Aurelia до Flaminia и Flavia. Дури и Ernest Hemingway возел Aurelia додека работел за Life.
Aurelia B24 Spider засекогаш влезе во историјата со филмот „Il sorpasso“, а подоцна Fulvia и Delta се појавија во култни европски трилери. Во поново време, Lancia се враќа во мејнстрим продукции како „To Rome with Love“ на Woody Allen и „Angels & Demons“ на Ron Howard.
Најновото појавување е во филмот „Race for Glory“, посветен на сезоната 1983 во Светскиот рели шампионат и драматичната борба на Lancia 037 под водство на Cesare Fiorio против многу посилен ритал на хартија. Тоа е приказна за спорт, храброст и тврдоглав италијански инат.
Со 119 години историја, Lancia останува симбол на безвременска италијанска елеганција. Од Aurelia B24 Spider и Flaminia, преку Stratos, 037 и Delta, па до Ypsilon, брендот постојано ги тера луѓето да сонуваат.
Денес, со New Ypsilon, електрификацијата, враќањето во моторспорт и јасен, 10-годишен план, Lancia влегува во својата ренесанса. Основата останува иста – иновација, дизајн и италијански карактер – но сега со додадени вредности како одржливост, фокус на купувачот и социјална одговорност.
Ако некогаш постоел бренд кој знае како да ја спои историјата со иднината, тогаш Lancia дефинитивно е на тоа многу кратка листа.









