Совети: Како да возите кога има многу вода на патот

ОБЈАВЕНО НА:

При силен дожд, аквапланингот ги онеспособува за управување дури и автомобилите што ги имаат монтирано најдобрите гуми. Аквапланингот е сигурно еден од најнеомилените феномени од кои „косата им се дига на главата“ и максимално се зголемува адреналинот на возачите

„Аквапланинг“ е една од најнепосакуваните ситуации на возачите, без разлика на годишното време. Се создава кога возилото се движи со голема брзина по мокар пат, и во еден момент гумите не можат низ шарите да ја исфрлат големото количество вода, па гумата почнува да пролизгува по површината на водата. Во тој момент многу возачи што немаат искуство со вакви ситуации ја губат контролата над автомобилот и не знаат што всушност се случило. 

Најдобрата работа што може да се направи кога возите во дождливи услови е да ја намалите брзината, бидејќи при помали брзини ретко доаѓа до „аквапланинг“. Друга важна работа е да не возите со лоши или стари гуми. Ако е можно, треба да набавите гуми со подлабоки шари, кои овозможуваат подобра дренажа на водата при допир со мокар пат.

За да се утврди кога гумите се истрошени и подготвени за менување, Американците направиле интересно тестирање. Дошле до заклучок дека гумите се сметаат за истрошени ако еден или повеќе жлеба се со длабина од 0,16 см во споредба со 0,8 см кога гумата е нова. Производителите на гуми направиле специјални хоризонтални реси на дното на жлебовите за да се согледа истрошеноста. Овие ресички доаѓаат на исто ниво со другиот газечки слој на гумата, кога се намалува длабината помеѓу жлебовите на 0,16 см. Во оваа фаза гумите паѓаат на тестовите за безбедност.

И широките и тесните гуми имаат предности и недостатоци и оптимално се приспособени за различен начин на возење. Широките гуми се еднакво добри и на мокро и на суво. При сопирање од 100 км/ч широките гуми сопираат за 5,2 м пократко, но аквапланинг се јавува веќе на 69 км/ч, додека тесните гуми возат низ вода без аквапланинг до 80 км/ч. Тесните гуми исто така искажуваат предност со поголем конфор и намалена бучава, додека широките гуми нудат подобри возни својства на сметка на конфорот и економичноста.

Гумите треба да издржат помеѓу 30.000 и 50.000 километри, но, брзината на трошењето зависи и од други фактори како што се брзината на возење, начинот на возење, тежината на возилото, патиштата. За да се намали ризикот од аквапланинг, и непријатните искуства, секогаш мора да се внимава на мерките на претпазливост. Редовна проверка на сите четири гуми и добра процена на брзината со која треба да се вози во услови на намалена видливост и вода на патот. Тоа сигурно би придонесло за сигурно возење без несакани искуства.

Која е причината за аквапланинг

До него се доаѓа кога автомобилот се движи со голема брзина по влажен коловоз и во еден момент гумите не можат веќе да ја исфрлат водата преку каналите од шарите и притоа се формира „воден клин“, по што гумата почнува да се лизга. Тогаш повеќето возачи ја губат контролата врз возилото и ги фаќа паника, бидејќи не знаат што се случува.
Ако одненадеш се најдете во аквапланинг мамка, во никој случај не смеете да сопирате, туку само благо треба да ја притиснете папучата од кумплуг-спојката и држете го управувачот во правецот на возење. Тркалата не смеат ниту да блокираат, ниту да се завртени во погрешен правец, се додека не се поврати контактот со коловозот.

Како да се спречи или намали аквапланингот

* Редовна проверка на притисокот во гумите.

Недоволниот притисок ја зголемува опасноста од аквапланинг. Ако притисокот во гумите е за 30 отсто помал од препорачаната вредност, постои голема опасност од аквапланинг.

* Проверувајте ја истрошеноста на гумите и длабината на слојот за газење

Што е поголем остатокот на длабината на слојот за газење, толку повеќе вода може да се распрска, што го намалува ризикот од аквапланинг

* Намалете ја брзината

Дополнително намалете ја брзината кога ќе се приближите до места каде има поголеми вирови со вода

 

Каде најчесто може да има опасност од аквапланинг

* Свиоци во кои се собира вода бидејќи одведувањето на водата до патот не функционира добро
* Подвозници во кои е затната атмосферската канализација;
* Надолжни колотраги на асфалтот во кои се задржува водата;
* Многу широки патишта со повеќе сообраќајни ленти, на пример – клучки на автопати на кои и треба подолго време на водата да истече по целата широчина;
* Таканаречени „Ѕ“ свиоци чиј попречен нагиб се менува – на рамен дел на преминот од едниот во другиот свиок – се собира вода;
* Патишта покрај планински превои, во кои дождот го бара најкусиот пат во долината.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK