Чешкиот автомобилски бренд Skoda започна нова фаза на глобално проширување со официјален влез на пазарот во Саудиска Арабија – најголемиот автомобилски пазар на Блискиот Исток. Во партнерство со SAMACO Motors, која веќе 15 години ги застапува брендови од Volkswagen Group, Skoda ќе ја гради својата позиција во регионот со комплетна моделска понуда и модерна малопродажна мрежа.
Skoda ја гледа Саудиска Арабија како клучен пазар за раст – продажбата се очекува да достигне до 1 милион возила годишно до 2030 година. Во првата фаза, брендот ќе ги понуди моделите Kodiaq, Karoq, Kushaq и семејниот Octavia. Потоа следуваат Superb и Slavia. Првите два салона ќе бидат отворени во Џеда и Ал Хобар до крајот на годината, а голем центар во Ријад во 2026 година.
Со новата подружница Skoda Middle East, брендот ќе се насочи кон младите купувачи и урбаните семејства. Саудиска Арабија има релативно низок број регистрирани автомобили по глава на жител, што ја прави идеална за раст. Салоните ќе нудат современо, дигитално корисничко искуство преку интерактивни екрани и видео ѕидови.

Овој потег е дел од големата стратегија на Skoda за интернационализација. По успешниот настап во Оман, Катар и ОАЕ, најголемиот пазар на Блискиот Исток логично е следниот чекор. Со комбинација од европски квалитет, напредни технологии и пристапна цена, Skoda има потенцијал да привлече многу нови купувачи.









