Volkswagen Group и Tata Motors потпишаа договор за стратешко партнерство во Индија. Skoda, која е дел од Volkswagen Group ќе управува со активностите, кои на почетокот ќе во насока на изработка на студии за можностите на пазарот во Индија за развивање на мобилни услуги, делови за возила, како и автомобили. Додека подоцна ќе бидат објавени и други специфични проекти.
Целта на VW, според главниот извршен директор на Групацијата, Матијас Мулер, е да се постават основи на новите брзорастечки автомобилски пазари за понуда на кориснички ориентирани мобилни решенија.
Она што во стратегијата на Volkswagen Group и недостига се надоместува со партенрството со Tata Motors. Односно производителот на VW, Audi и Porsche со години се мачи да креира возила кои ќе бидат привлечни за пазари како индискиот.
Договорот за соработката за Tata Motors, кој е сопственик на британските луксузни брендови Jaguar и Land Rover, преку VW обезбедува силно присуство во Индија, каде останатите глобални автопроизводители како Ford, General Motors, Fiat Chrysler Automobiles и PSA Group се натпреваруваат за потрошувачите.
Автомобилската индустрија очекува до 2020 година Индија да стане третиот најголем пазар за автомобили по САД и лидерот Кина. Дури и домашни играчи, како Tata имаат проблеми да се адаптираат на брзите промени на побарувачката во Индија, каде Maruti Suzuki и Hyundai контролираат две третини од пазарот.
Претходниот обид на VW да ги освои новите пазари преку соработката со јапонскиот автопроизводител Suzuki Motor заврши со спор кој се реши непосредно пред да избие скандалот со дизел – емисиите на германската компанија во 2015 година.