Skoda има нов електричен херој: компактниот SUV Elroq, кој за помалку од една година сериско производство ја мина магичната бројка од 100.000 направени примероци. Јубилејниот автомобил е Elroq RS во впечатлива Mamba зелена боја – комбинација што одлично му одговара на карактерот на овој компактен, но самоуверен електричен SUV.
Elroq е првиот сериски модел на Skoda кој го носи новиот дизајнерски правец Modern Solid. Тука се спојуваат чист, минималистички стил, робусен став и практичност типична за Skoda: остри светлосни потписи, масивен преден дел и изненадувачки пространа кабина за компактна должина.
Моделот се склопува во Млада Болеслав, на флексибилна производна линија на која паралелно се прават и целосно електричниот Enyaq, но и Octavia со мотор со внатрешно согорување. Тоа му овозможува на производителот брзо да се прилагоди на побарувачката – ако купувачите повеќе бараат електрични модели, се зголемува производството на Elroq и Enyaq, а доколку расте интересот за класични мотори, истата линија може да одговори и на тоа.
Иако е релативен „новајлија“, Elroq брзо се проби меѓу електричните ѕвезди во Европа. Во првите три тримесечја од 2025 година моделот се искачи на второ место во поредокот на најпродавани електрични возила (BEV) во Европа – впечатлив резултат за компактен SUV од средната класа.
Популарноста не доаѓа само од купувачите. Elroq веќе собра и серија признанија, меѓу кои:
* Red Dot Design Award за дизајн
* титула „German Car of the Year 2026“ во својата класа
Прагот од 100.000 произведени возила само ја потцртува силната и континуирана побарувачка за електричните SUV модели на Skoda – Elroq и поголемиот Enyaq.
Од Skoda отворено велат дека продукцијата од 100.000 Elroq за помалку од година е големо достигнување за целиот тим – но и доказ дека стратегијата за флексибилно производство функционира. Подготовката на фабриката, комбинирањето на MEB електричната платформа и MQB платформата за мотори со внатрешно согорување на иста линија, како и организацијата на работата, им овозможуваат на Чесите брзо да го менуваат односот меѓу електрични и класични модели.
Во наредните години се очекува гамата на електрични модели да се шири, но Elroq многу веројатно ќе остане еден од столбовите на продажбата – како „прва Skoda на струја“ за голема група нови купувачи кои првпат влегуваат во светот на електричните автомобили.









