Во Швајцарија е пуштена во употреба првата фотоволтаична железничка линија во светот, проект што ги комбинира железничкиот транспорт и обновливата енергија. Стартапот SunWays, во соработка со швајцарските железници, инсталираше соларни панели директно помеѓу шините на тест-сегмент во близина на местото Бут во кантонот Нojшател.
Пилот-инсталацијата се состои од 48 панели со моќност од 385 вати секој, со вкупна инсталирана моќност од 18 kW. Годишно се очекува да произведе околу 16 MWh електрична енергија, која моментално се користи за снабдување на локалната мрежа и околните домаќинства.
SunWays има за цел да ја прошири оваа технологија низ целиот швајцарски железнички систем. Електричната енергија произведена од овие панели може да се користи на три начини: да се врати во националната мрежа, да ги напојува железничките системи како што се сигнализацијата и станиците, или директно да ги напојува електричните локомотиви.
За да се олесни инсталацијата, развиен е специјален воз во соработка со компанијата за одржување на железници Scheuchzer SA, кој може да постави панели директно помеѓу шините, покривајќи до еден километар дневно.
Овој проект претставува значаен чекор кон одржлив железнички транспорт, искористувајќи ги постојните инфраструктури за производство на чиста енергија.