Работниците во фабриките на американскиот автомобилски производител Ford во германскиот град Келн најавија штрајк – прв во историјата на компанијата на оваа територија. Причината е најавата за масовни отпуштања, соопшти синдикатот IG Metall.
Вработените во двете фабрики, основани уште во 1930 година, планираат да го прекинат производството од среда наутро, а штрајкот ќе трае до крајот на ноќната смена во четврток наутро.
Раководството на Ford има намера да укине 2900 работни места до 2027 година. Европското седиште на компанијата се наоѓа токму во Келн, каде моментално се вработени околу 11.500 луѓе.
Синдикатот IG Metall ја обвини управата на Ford дека работи без јасна стратегија, со што го доведува во прашање понатамошното работење на компанијата во Германија.
Откако преговорите меѓу двете страни пропаднаа, минатата недела синдикатот организираше гласање на вработените. Дури 93,5% од членовите гласаа за прекин на работата.
Иако германската подружница на Ford е силно зависна од матичната компанија во САД, можностите за локално управување се ограничени. Ford веќе подолго време бележи загуби на европскиот пазар, а производството на малиот модел Fiesta, кој се склопуваше токму во Келн, официјално заврши во 2023 година.









