Што ќе видиме на саемот во Париз – Renault Clio, Peugeot 208, Citroen C5..

ОБЈАВЕНО НА:

Штотуку заврши саемот на автомобили во Женева, а веќе се зборува што европските производители ќе понудат на следната манифестација, во Париз. Традиционално овој саем се одржува секоја втора година, а есенва е ред „градот на светлината“ да биде домаќин на новите светски премиери.

Париз во почетокот на октомври ветува дека ќе има исклучително интересни француски премиери. За две од нив би требало да бидат директна конкуренција, бидејќи станува збор за Renault и за Peugeot. Според најавите најверојатно ќе ги видиме новите генерации на популарните Renault Clio и Peugeot 208.

Германското списание AutoBild тврди дека основни акценти кај новото Clio ќе бидат економичните мотори и удобноста, а возилото ќе биде базирано на модернизираната верзија на актуелната платформа CMF-B. Тоа треба да ги намали трошоците за развој на моделот. Се очекува во моторната гама на Clio да се појави 1,3 литарски бензински турбо мотор, кој е развиен во соработка со Mercedes и ќе се користи и кај новата А-класа, и кај освежената SUV верзија на моделот Kadjar. Веќе се појавија и гласини дека Renault може да лансира и хибридна верзија на Clio во Париз, која треба да го замени дизелскиот хит 1.5 dCi, но се уште тоа не е потврдено.

Што се однесува до Peugeot 208, новиот модел на Peugeot ќе биде поставен на нова платформа – CMP, а се очекува дека новиот автомобил ќе биде доста полесен од својот претходник. И тоа значи помала потрошувачка на гориво и помали емисии na CO2. Првите папарацо снимки покажуваат дека новиот 208 ќе е малку поголем и со подолго меѓуоскино растојание, што пак ќе обезбеди повеќе простор за патниците во внатрешноста.

Во Париз треба да се појави и целосно новиот С5 на Citroen. Тука сепак информацијата е доста непотврдена бидејќи француската марка веќе најави дека ќе планира да лансира наследник на седанот во 2020 година, кој сепак нема да е традиционален за D сегментот модел. Значи, оваа премиера воопшто не е сигурна и може да се покаже дека од Citroen планираат да покажат нешто сосема поинакво.

Но, до почетокот на есента кога е саемот во Париз сигурно ќе има уште детали за моделите што фабриките планираат да ги промовират таму.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK