Само што неколку недели претходно беше брутално искрен за иднината на европската автоиндустрија, првиот човек на Mercedes-Benz, Ола Келениус, повторно ја потресе јавноста. Според него, ЕУ мора да направи „реалити чек“, во спротивно ризикува „со полна брзина да удри во ѕид“. Причината – контроверзната забрана за продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување (ICE), која треба да стапи на сила во 2035 година.
Отворено писмо до Брисел
Настапувајќи во својата втора улога – како претседател на ACEA (Европската асоцијација на автомобилски производители) – Келениус испрати отворено писмо до Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија. Во него, тој нагласува дека „светот драстично се смени“ откако забраната беше најавена и дека е опасно да се мисли оти декарбонизацијата може да се постигне само со забрана на бензинците и дизелите.
„Да се достигне нулта емисија во рок од девет години е едноставно повеќе неизводливо,“ предупредува шведскиот менаџер. Писмото е ко-потпишано и од Матијас Цинк, претседател на CLEPA, здружението на европски добавувачи.
„Последна шанса“ за корекција
Келениус сепак гледа простор за маневар. Тој смета дека ЕУ има „последна шанса“ да ја коригира стратегијата уште следниот месец – на 12 септември, кога во рамките на „Стратешкиот дијалог“ ќе се разгледува можноста за преиспитување или дури одложување на забраната.
Иако производителите остануваат посветени на целта јаглеродна неутралност до 2050, тие инсистираат дека укинувањето на бензинците веќе во 2035 е прерано и ризично.
Поделен свет на автомобилските компании
Но, не мислат сите исто. Kia, на пример, е остро против пролонгирање. Европскиот шеф, Марк Хедрих, вели:
„Ако се повлече забраната, тоа ќе нè чини цело богатство. Имаме лавина електрични автомобили што доаѓаат, а враќање на бензинците ќе ја наруши нашата профитабилност.“
Иако Kia не е дел од ACEA, нејзината „мајка“ Hyundai е една од 16-те членки.
Што вели регулативата?
ЕУ веќе ја потврди забраната, но воведе и одредена флексибилност:
Производителите повеќе не мора строго да ги исполнат 2025 CO₂ целите уште следната година, туку имаат простор да ги усогласат просеците во периодот 2025–2027.
Сепак, новите лимити за 2025–2029 се 15% построги од оние за 2021–2024, што значи дека флоти мора да имаат просек од 93,6 g/km.
Од 2030 до 2034 таргетот паѓа уште пониско – на 49,5 g/km.
Од 2035 натаму – целосна нула, што фактички значи само електрични возила.
Овие барања веќе предизвикуваат главоболки. Во Stellantis велат дека регулаторната усогласеност „јаде“ дури 25% од инженерските часови, време во кое „не се создава никаква реална вредност“.
Глобални импликации
Одлуката за Европа нема да остане само европски проблем. Со оглед на тоа дека ЕУ е еден од најголемите пазари во светот, евентуалното инсистирање на целосна забрана може да ги промени глобалните стратегии на автомобилските компании. Многу модели со бензински мотори би станале нерентабилни, а дел од брендовите дури би биле приморани да ги исфрлат од понудата.









