На почетокот на оваа година германскиот производител BMW објави дека седанската изведба на серија 1 ќе се продава само во Кина. Меѓутоа набрзо потоа беше потврдено и дека оваа моделска изведба ќе се продава и во Мексико и околните латиноамерикански земји.
Сега, неколку месеци подоцна се појавија првите гласини за комеријализацијата на овој модел и на “Стариот континент”. Димензионално, оваа изведба е со должина од 4.456 мм, ширина од 1.803 мм, висина од 1.446 мм и меѓуоскино растојание од 2.670 мм.
Доколку се случи оваа најава, тогаш во понудата повеќе од сигурно е дека ќе бидат понудени истите мотори како и кај хечбек изведбата. Во поглед на цената, таа би требало да се движи во рамките на онаа во Мексико, само изразени во евра. Така основниот модел би почнувал од 24.000 евра.
Со воведувањето на овој модел во Европа, BMW ќе добие вистински адут во конкуренијата со седанските изведби на Audi A3, Mercedes A класа и CLA класа.