Во пресрет на премиерата закажана во рамките на саемот во Париз кој зпаочнува на 4. октомври, на интернет се појавија првите фотографии од новиот DS3 Crossback.
Најмалиот од најавените кросовери под брендот на DS ќе биде долг 425 см со што ќе конкурира на Mini Countryman и Audi Q2. Овој автомобил се темели на новата CMP платформа развиена од PSA Групацијата, а очекувано доаѓа со поголем клиренс во однос на хечбек изведбата на DS3.
Тука е и стандардниот 1.2 литарски бензински мотор како и новиот 1.5 литарски мотор. На саемот во Париз покрај стандардната изведба ќе биде премиерно претставена и електричната изведба која според пишувањата ќе располага со 114КС како и батерија од 50 kWh.
Концептот на премиум бренд носи и премиум екстериер кој е проследен со трендовски ентериер. Тука се и бројните опции како и богатата современа технологија која овозможува одлична асистенција на возачот со што се зголемува безбедноста. Комфорноста и удобноста во никој случај не е изоставена, а овој авангарден автомобил според пишувањето на германскиот AutoBild ќе чини не помалку од 19 илјади евра.
Инаку DS3 Crossback е еден од низата автомобили кои во наредните 5-6 години ќе се појават под овој бренд кој е составен дел од PSA Групацијата. Покрај европскиот пазар, со овие модели PSA Групацијата ќе се обиде да ја зголеми присутноста во Кина каде во моментов не може да се пофали со одлични продажни перформанси, барем во споредба со германските производители.