По струка е инжинер за промет и никогаш немал допир со електро-техниката, но тоа не било пречка Роман Сајко од Загреб да го исполни својот сон од средно училиште и самиот да направи електричен автомобил. Првиот автомобил го купил за 600 куни (околу 850 евра) во 2004 година. Му требало три години за да го префрли на електричен погон. Вториот го купил во 2012 година, а го платил иста сума, а во него вложил вкупно 4500 евра, но за разлика од првиот на електричен погон го префрлил за само шест месеци.
„Кога почнав да го преправам првиот автомобил немав многу искуство, па на почетокот ми помагаше едно момче кое се разбира во електротехника. Сепак, тој брзо се откажа кога видека дека се работи за релативно сложен процес. После тоа почнав да читам по интернет, различни енциклопедии и успеав многу да научам“, вели Сајко.
Тој морал многу да експериментира за да дојде до саканата цел. Иако пријателите му се потсмевале кога им кажал што сака да направи, на крајот успеал во својата мисија.
„Прво го извадив бензинскиот мотор и ставив електромотор, кој се спојува преку прирабница на менувачот. Вградив акумулатори и контролор кој потоа му дава струја на моторот. Нема масло, антифриз, филтер ниту свеќички. Единствено треба да се пумпаат гумите и да се светнува. Треба да се полни акумулаторот, но тоа е како полнење со гориво. Со оглед на тоа што низ Хрватска има сè повеќе полначи сега си давам сè повеќе можности за патување со него. Бев до Бјеловар, Копривница и се надевам дека ќе одам сè подалеку“, вели Сајко.
Инаку, тој вели дека акумулаторот го полни пет часа, а за електричен автомобил сонувал уште од младоста поточно од 1983 година кога во магазинот „Сам свој мајстор“ видел електрично Фичо и сака и самиот да направи електричен автомобил.