Со децении наназад европските производители на одредени регионални пазари имаат диференцирана понуда на возила. Тоа е така поради влијанието на повеќе фактори како социо-културни и економски.
Токму под влијание на економските фактори и далеку помалата куповна моќ, во Јужна Америка многу производители нудат нискобуџетни возила.
Таков е и случајот со Renault кој во земјите од Јужна Америка буквално ја има ребрендирано гамата на Dacia.
Така, од вкупно осум модели во понудата, во Аргентина и Бразил, седум се ребрендирани модели на Dacia. Не треба да ве чуди ако сретнете реклама за Renault Sandero или пак одлична понуда за Renault Duster.
На овие модели кои кај нас се продаваат под брендот на Dacia, се придружуваат уште и Renault Kwid, Renault Logan, Renault Stepway, Renault R.S., Renault Duster Oroch, а единствениот чистокрвен модел на Renault е моделот Capture.
Сите овие модели се произведуваат во фабриките на Renault ширум Јужна Америка и тоа во Сан Хозе дос Пињас (Бразил), Санта Исабел (Аргентина) и Енвигадо (Колумбија).
И цените се секако далеку помали од Европа. Така моделот Kwid може да се купи по цена од 5.700 евра.