Новиот СУВ модел од компанијата Volvo во иднина ќе може да биде набавен и на претплата. Покрај класичната продажба и лизингот ова ќе биде трета опција при купувањето што значи дека автомобилската индустрија одлучи да се прилагоди кон новата генерација на купувачи.
Ова беше најавено на саемот во Лос Анџелес. Од Volvo изјавија дека нивниот нов модел XC40 ќе може да биде набавен на претплата од 600 долари месечно со договор од две години, слично како што се прави и при купувањето на новите модели на мобилни телефони.
Слични модели на купување на автомобили нудат и компаниите како Ford и Porsche. Во основа земањето на автомобил на претплата е слично на она на лизинг, но не е исто. Кога автомобилот се зема на лизинг, корисникот на месечно ниво плаќа износ како би го изнајмил автомобилот додека договорот не му истече, со опција покасно да го откупи, а по правило самиот ја плаќа регистрацијата и сите други трошоци.
Кога автомобилите се земаат на претплата разликата во однос на лизингот е во временската рамка и во дополнителните трошоци како регистрацијата и слично. Во теорија купувачот место да е врзан за лизинг, тој може да одлучи дали сака да го има автомобилот во сите 12 месеци или во годината само два и ќе плати само за нив.
Покрај тоа нема да има клаузула дека после договорот ќе мора да го откупи автомобилот. Претплатата ќе вклучува и осигурување и регистрација што не е случај кај лизингот.
Очигледно е дека автомобилската индустрија вака се прилагодува со барањата на новите генерации, кои сакаат помалку обврски при купувањето на автомобил така што на ваков начин практично ќе имаат изнајмен автомобил и нема да треба да плаќаат големи суми.
Во Ford веќе некое време има опција за претплата на автомобили која се нарекува Canvas. Процесот оди на следниот начин: Прво се бира автомобилот, а потоа и бројот на километри. Може да се одбере од 500 до неограничено. Дополнителните километри се наплаќаат посебно, а доколку не бидат искористени се префрлаат за следниот.