Peugeot денес со краток тизер-видео го потврди доаѓањето на новиот Polygon Concept, првиот концепт кој ќе го најави дизајнерскиот правец на идните модели на брендот.
„Време е да ја обликуваме иднината на задоволството во возењето“, порачуваат од Peugeot, сугерирајќи дека концептот нема да биде само дизајнерска вежба, туку и визија за идните технологии и искуството зад воланот.
Официјалната премиера на Polygon Concept ќе се одржи во ноември, а според првите информации станува збор за градско возило од B-сегментот – категорија во која Peugeot има богата историја со модели како 205, 206 и 208. Polygon ќе покаже како брендот ја замислува иднината на своите најпопуларни градски автомобили, со модерен дизајн, електрифицирани погони и најнови технологии во внатрешноста.
Peugeot досега не откри многу детали, но тизерот сугерира динамична силуета, остри линии и светлосен потпис инспириран од лавот – препознатлив симбол на марката. Polygon Concept се очекува да ја постави основата за следната генерација на Peugeot 208 и неговите електрични изведби, кои би можеле да пристигнат до средината на деценијата.



