Volkswagen го подготвува своето ново електрично „народно“ возило – ID. Polo, модел што треба да ја продолжи 50-годишната традиција на Polo, но во целосно електрична форма. Неколку месеци пред светската премиера, флота од речиси сериски прототипи веќе ги поминува последните тест километри низ светот, со фокус на фино дотерување на квалитетот и однесувањето на пат.
ID. Polo е првиот од вкупно четири нови електрични модели во малата и компактната класа што Volkswagen ќе ги лансира од 2026 година. Основната идеја е јасна: електрична мобилност по пристапна цена, со познато име и класична Volkswagen филозофија – интуитивно ракување, функционалност, квалитет и добра вредност за парите.
Почетната цена во Европа ќе биде околу 25.000 евра, што го позиционира моделот како нова „влезна точка“ во електричната ID. гама.
При стартот на продажбата напролет 2026 година, ID. Polo ќе се нуди со три нивоа на моќност:
* 85 kW (116 КС)
* 99 kW (135 КС)
* 155 kW (211 КС)
Подоцна во истата година ќе се приклучи и спортската верзија ID. Polo GTI со 166 kW (226 КС).
Послабите верзии со 85 и 99 kW ќе добијат LFP батерија (литиум железо фосфат) со нето капацитет од 37 kWh, која на DC брзи полначи може да прима до 90 kW. Посилните 155 и 166 kW варијанти ќе користат NMC батерија (никел-манган-кобалт) од новата PowerCo „unified cell“ генерација, со капацитет од 52 kWh (нето) и домет до околу 450 км, како и DC полнење до 130 kW.

За разлика од поголемите ID. модели со заден или 4×4 погон, ID. Polo користи ново развиен електричен погон на предните тркала, базиран на подобрената MEB+ платформа. Клучна компонента е електромоторот од последната генерација APP 290, оптимизиран за висока ефикасност и пониска потрошувачка.
Со MEB+ се намалуваат бројот на компоненти, тежината и комплексноста, што му дозволува на Volkswagen да ги држи трошоците под контрола, а истовремено да понуди динамика на возење споредлива со поголема класа. Во подот е вградена новата PowerCo батерија со „cell-to-pack“ технологија – ќелиите се монтирани директно во пакет без класични модули, со што се заштедува простор и тежина, а енергетската густина се зголемува за околу 10 проценти.
ID. Polo е долг 4.053 mm, широк 1.816 mm и висок 1.530 mm, со меѓуоскино растојание од 2.600 mm – значи многу близу до класичниот Polo со мотор со внатрешно согорување. Сепак, благодарение на електричната платформа и компактниот погон, внатрешниот простор е значително поголем: патниците добиваат дополнителни 19 mm должина во кабината, повеќе ширина и повеќе простор за глава, што особено се чувствува на задната клупа.
Багажникот е уште поимпресивен – волуменот е пораснат за 24 проценти во однос на класичниот Polo, од 351 на 435 литри. Со соборени задни седишта, капацитетот достигнува 1.243 литри (наспроти 1.125 литри кај конвенционалниот модел). Тоа го прави ID. Polo значително попрактичен за секојдневно семејно користење, без да излезе од димензиите на класичен градски автомобил.
Една од целите на Volkswagen со ID. Polo е да донесе напредни системи во пониската ценовна класа. Моделот ќе ја добие новата генерација Travel Assist, кој може да обезбеди делумно автономно управување по должина и ширина на патот и асистирани промени на лента на автопати. Системот првпат во овој сегмент ќе препознава и семафори и стоп знаци и ќе може да реагира соодветно.

Со тоа, ID. Polo станува дел од стратегијата да се „демократизираат“ иновациите – технологии кои досега беа резервирани за поголеми и поскапи модели постепено се спуштаат во малата и компактната класа.
ID. Polo треба официјално да дебитира напролет 2026 година. До тогаш, Volkswagen ќе продолжи со интензивни тестирања за да го „испегла“ секој детал, со јасна амбиција: новиот модел да биде достојно електрично продолжение на легендарниот Polo, со повеќе простор, повисока технологија и цена која и понатаму ќе остане во рамките на она што купувачите го очекуваат од вистински „народен автомобил“.









