Последниот танц на Маркијоне

ОБЈАВЕНО НА:

Малото италијанско гратче Балоко е местото каде Серџо Маркијоне ќе го одигра последниот чин како прв човек на FCA. Сценариото веќе одамна спремно, а светската автомобилска јавност поделена – ќе биде ли ова спуштање или кревање на завесата за FCA. Овој сомнеж произлегува откако претходно неколку пати Маркијоне потфрли во клучните планови и предвидувања, особено во периодот од 2014 до оваа година кога се спроведуваше претходниот стратешки план.

Овој 65 годишен Италијанец својата претстава во Торино ја започна во 2004 година, период кога тогашната Fiat групација се наоѓаше во тешка финансиска состојба. За само неколку години од големи загуби, италијанскиот авто гигант повторно забележа позитивни финансиски перформанси.

Сепак и покрај тоа Fiat никогаш не ја врати пазарната позиција од 90те години.

Ќе се повтори ли историјата?

Амбициозен план како и во 2014 се очекува да биде презентиран денеска. Меѓутоа многу автокритичари, особено од Италија сметаат дека преамбициозниот стратешки план за наредниот пет годишен период ќе биде вовед во грешката направена во 2014 година. Тогаш, Маркијоне и FCA најавуваа вистински бум предводен од неколку брендови под капата на овој мултинационален авто производител.

Така, иако беа предвидени 10 нови алфини модели, од фабриките во Италија излегоа само четири и тоа 4C, 4C Spider, Giulia и Stelvio. Oттука од очекуваната годишна продажба од половина милион возила, Alfa Romeo продаде само околу 100 илјади на годишно ниво.

Големо промашување имаше и кај останатите брендови. Така Maserati лансираше само еден нов модел од предвидените пет, Fiat само два, а половична реализација имаше кај Dodge, Jeep и Ram. На ова поле се потфрли и кај Ferrari, а целосно разочарување беше Chrysler кој забележа уште еден катастрофален период во својата историја.

Се на се ако се направи споредба помеѓу очекувањата и она што реално во пракса беше спроведено, може да се каже дека во претходните четири години FCA не успеа да реализира ниту 50% од предвиденото за периодот од 2014-2018.

Крај за Chrysler и Lancia

Според многумина денешниот ден нема да го преживеат Lancia и Chrysler. Закопот на Lancia се најавува веќе неколку години, особено по повлекувањето на славниот италијански бренд од пазарите во останатите европски земји и концентрациајта само на италијанскиот пазар. Во последните неколку месеци се шпекулира дека Lancia нема во целост да згасне туку дека Maркијоне ќе донесе одлука за продажба, а парите кои ќе ги добие од оваа продажба ќе бидат насочени кон Alfa Romeo, Маserati и Jeep.

Сепак италијанската јавност е против продажбата на овој бренд кој по Fiat е најпродаваниот бренд во историски рамки во Италија. Всушност иако понудата на Lancia беше сведена само на Ypsilon и ограничена само во Италија, Lancia успеа во последните години да продаде речиси ист број на автомобили како и Alfa Romeo. За илустрација минатата деловна година само во Италија, Lancia продаде 60.620 автомобили додека Alfa Romeo 86.805 автомобили и тоа во цела Европа.

И покрај сето ова крајот на Lancia е се поизвесен исто како и на Chrysler кој во последните две години понудата ја сведоа само на 300/300C и Pacifica.

Кој ќе биде наследникот на Маркијоне?

Речиси 20-тина имиња се поврзуваат како наследници на Маркијоне на првата позиција во FCA. Сепак во потесниот избор влегуваат Алфредо Алтавиља, Ричард Палмер, Мајкл Менли и Пјетро Горлиер. Првиот има најдолг стаж во Fiat. Во оваа компанија е уште од 1990 година и се смета за доста близок човек на фамилијата Ањели кој е најголем сопственик на овој производител.

Ричард Палмер е дел од групацијата 11 години, а карактеристично за него е што има агресивни финансиски цели. Се смета дека тој има големи заслуги за финансиските перформанси во последните пет години.

Мајкл Менли е Британец кој со спојувањето на Фиат и Крајслер тој е назначен на директор на брендот Jeep. Претходно тој беше дел од Daimler-Chrysler каде бележеше постојан кариерен напредок.

Пјетро Горлиер слично како и Алтавиља важи за долгогодишен и верен работник на семејството Ањели. Во Фиат е уште од 1989 година кога ја започна својата кариера како аналитичар во Ивеко (компанија подоцна продадена од Фиат на семејниот холдинг Ексор). 55 годишниот италијанец во својата кариера работеше и за останатите компании кои денес се дел од FCA Групацијата како што се Mopar, Magneti Marelli и слично.

Два нови модели на Alfa за јаготка на шлагот

Премиерата на два нови модели на Alfa Romeo треба да биде јаготката на шлагот во кариерата на Маркијоне во FCA. Веќе неколку месеци се најавува дека на собирот во Балоко, FCA премиерно ќе претстави два нови модели. Станува збор за купе изведбата на Giulia и нов SUV модел.

Купе изведбата на Giulia треба да ја продолжи алфината приказна на GT, а според пишувањата новиот модел ќе го носи називот GTV и во понудата ќе ги има сите мотори на Giulia. Со овој модел, Alfa Romeo по подолга пауза ќе им парира на Audi A5, BMW серија 4 и Mercedes C класа, а од FCA се убедени дека ќе успеат да им одземат поголем дел од пазарниот колач.

Што се однесува до новиот SUV тој ќе се позиционира над Stelvio, а во понуда се очекува да дојде со истите мотори како и со хибридна верзија, прва во понудата на италијанскиот производител. Тоа значи дека новиот ривал на BMW X5, Mercedes GLE и Audi Q7 меѓудругото ќе располага и со 2.9 литарскиот V6 мотор од Giuli Quadrifoglio, а се очекува италијанците во свој стил да подготват нешто помоќно.

Alfa Romeo во изминатиот период беше во центарот на вниманието на Маркијоне, па оттука со овие два модели, Маркијоне симболично ја завршува кариерата.

Следете не и на:
[Fancy_Facebook_Comments]

24AUTO NETWORK