Вo Jaguar се решија за интересен проект во кој ќе се обновува производството на тркачкото возило D-Type кое во 50-тите години на минатиот век беше дел од голем број на натпреварувања. Првичниот прототип на моделот го направи своето деби на саемот за автомобили во Париз, а од компанијата најавуваат дека ќе бидат направени нови 25 примероци од возилото. Клиентите ќе можат да изберат возило со пократок или подолг нос.
D-Type беше еден од најважните тркачки автомобили на средина од минатиот век. Успеа да забележи победи на трката „24 часа Ле Ман“. Целта била да бидат произведени 100 возила од овој модел, но производството прекинало во 1956 година со само 75 автомобили. Затоа сега ќе бидат направени уште 25 за да биде довршен првичниот план.
Од Jaguar нема информација за цената на новите автомобили, но јасно е дека таа ќе биде значително пониска од таа која беше на продажбата на аукција на старите возила. Во 2016 година возилото кое победи на „24 часа Ле Ман“ во 1956 година достигна рекордна цена од 21,78 милиони долари.
Сите 25 возила ќе бидат направени во Ковентри во Англија, а тимот којшто ќе ги прави ќе располага со оригиналните записи и графики на инженерите на D-Type така што новите автомобили ќе бидат колку што е можно поавтентични.