Порше Македонија, Аутомакедонија и Миркат ги суспендираа тест возењата – сервисите работат нормално

ОБЈАВЕНО НА:

Продажбата на автомобили ќе продолжи само со изменет начин на функционирање на авто салоните и импортерите. Според известувањето од Порше Македонија, Аутомакедонија и Миркат сите тест возења на брендовите што тие ги застапуваат се прекинати – до понатаму. М-кар увозникот на BMW и на Mini ќе ги намали тест возењата и ќе се избегнуваат кратките тест возења на кои е потребно присуство на нивни вработен.

Порше Македонија во салоните има поставени средства за дезинфекција на рацете и чевлите на сите кои влегуваат. Поставени се известувања согласно препораките на Министерството за Здравство, а персоналот дополнително ги известува клиентите за почитување на зададените препораки за заедничкото здравје. Сите вработени имаат задача да го подигнат нивото на хигиена, а компанијата организира дневно и комплетно дезинфицирање на работните простории, се вели во известувањето на компанијата

Сервисите ќе продолжат на работат нормално, некои со скратено работно време но ќе се извршуваат сите потребни зафати на возилата.

Порше Македонија е застапник за: Volkswagen, Audi, Skoda, Seat, Porsche и Volkswagen комерцијални возила. Во салоните на Аутомакедонија се продаваат моделите на SsangYong, Isuzu, Opel и Piagio, a Миркат продава возила од брендот на Suzuki. М-кар е увозник на возилата на BMW и на Mini за Македонија.

Дел од импортерите уште вчера ги објавија условите под кои ќе работат во следниот период во однос на приемот на странки, работат на овластените сервиси, работното време, испораката на возила и мерките што се преземаат за превенција од коронавирусот.

Во време кога постојат доста ограничувања во однос на движењето, специфичната ситуација придонесува и сите да се однесуваме во согласност со она што е актуелно и е околу нас, да ги следиме препораките што постојано доаѓаат. Но, истовремено треба да се обидеме да продолжиме да функционираме колку што може понормално.

Доколку имате потреба од посета на овластените сервиси за возила во следниот период најдобро е да се информирате. Според информациите до кои дојде 24ауто некои од автосалоните ќе работат со скратено време, други остануваат според старото работно врем, но ќе се следи ситуацијата. Најважно е дека дека сите веќе ги имаат преземено превентивните мерки за заштита на своите вработени, но и клиентите.

Од сите импортери на возила во Македонија побаравме одговор на неколку прашања. Дел одговорија директно, дел објавија како ќе функционираат на своите официјални канали.

Прашањата што не интересираа се:
1. Какво ќе биде работното време во вашата компанија и подружниците во време кога има посебни мерки околу коронавирусот во Македонија? Има ли некаква промена?
2. Во согласност на актуелната ситуација поради Коронавирусот, какви превентивни и заштитни мерки се преземаат во авто салоните?
3. Дали и како ќе работат сервисите и какви мерки ќе се преземат за превентива и заштита на вработените и клиентите?
4. Дали ќе се вршат тест возења со клиенти заинтересирани за купување, и како ќе се одвиваат истите?
5. Дали ќе се врши испораката на возила кои претходно се нарачани и веќе пристигнати?

М Кар (BMW, Mini)
* Работното време на продажба е изменето во овој период, и тоа од пон-пет од 9ч до 17ч, додека во сабота нема да се работи.
Работното време на сервисот останува од 08:30ч до 16:30ч.

* Во согласност со препораките на Владата, нашата компанија воведе зголемена хигиена и дезинфекција во нашите продажни салони и сервис, за клиентите и за вработените се поставени антибактериски средства/гелови, комуникацијата со клиентите се одвива според препораките, поделени се заштитни маски и ракавици на сите вработени. Секојдневно се следи развојот на настаните и реагираме според препораките од институциите.

* Работното време на сервисот останува непроменето, како и досега во секое возило се ставаат заштитни фолии на возачко седиште, управувач и рачка на менувач. Секој автомобил пред да влезе во сервисот надворешно се пере.

* Тест возења во овој период ќе се извршуваат но со намален интензитет, ќе се избегнуваат кратки тест возења кои бараат присуство на вработен.
Се остава поголем простор помегу возењата се со цел темелно чистење и дезинфекција.

* Засега, испораката на возила се одвива редовно. Нарачаните возила ќе се потрудиме да ги испорачаме според договорените рокови, доколку не се заоштрат условите за меѓународен транспорт на стоки.

Порше Македонија (Volkswagen, Audi, Seat, Skoda, Porsche, VW комерцијални)

* Работното време останува исто, затоа што сметаме дека нормалното работно време овозможува поголем капацитет за одржување на препораките на Министерството за Здравство за заштита и превенција од вирусот. Но, тимот за справување со кризи на Порше Македонија, веќе има воспоставено мерки, во случај Владата да одлучи целосно запирање на активностите, да се активираат одредени сценарија во согласност со тековната состојба.

* Превземени се повеќе мерки за заштита. Пред се заштитата се однесува на вработените, кои работат со заштитни маски и ракавици. Во салоните се поставени средства за дезинфекција на рацете и чевлите на сите кои влегуваат. Поставени се известувања согласно препораките на Министерството за Здравство, а персоналот дополнително ги известува клиентите за почитување на зададените препораки за заедничкото здравје. Сите вработени имаат задача да го подигнат нивото на хигиена, а компанијата организира дневно и комплетно дезинфицирање на работните простории.

* Сервисите работат во нормални услови. Вработените се заштитени со заштитна опрема. Во сервисните простории пристапот е веќе одамна со картички за авторизација и поради тоа што клиентите немаат пристап до овие простории намалена е веројатноста за ширење на вирусот на минимум. Дополнително, вработените при сервисирање на возилата поставуваат заштитни фолии на клучните позиции во возилото за спречување на дополнителен потенцијален контакт со вирусот.

* Тест возењата се суспендирани се додека важат препораките на Министерството за Здравство.

* Поради тоа што протокот на возила и резервни делови сеуште е возможен, испораките на возилата и понатаму ќе се реализираат, се додека не се добие поинаква насока од државата или Порше Холдинг. При предавањето на возилата, продажните советници се инструирани да ги запазат сите процедури и препораки од Министерството за Здравство, како носењето на заштитна опрема и држење препорачана дистанца.


Аутомакедонија (SsangYong, Isuzu, Opel, Piagio)

* Состојбата со коронавирусот во Аутомакедонија, будно се следи и се почитуваат мерките за превенција од ширењето на болеста кои ги предвидуваат одговорните министерства и институции во државата. Иако фирмата работи со намален кадровски потенцијал, поради мерките за ослободување на старателите на мали деца и на критичните категории на работници, засега – нема промени во однос на работното време. Сервисите и салоните работат со редовно работно време, а за било каква промена, јавноста и нашите клиенти ќе бидат дополнително информирани.

* Спроведени се сите препораки на надлежните институции. Засилени се мерките на хигиената, се прави редовна дезинфекција на просторот. Се внимава на бројот на клиенти во салонот и на безбедната дистанца препорачана од надлежните институции. Се прави дезинфекција на новите возила, пред нивното примопредавање на клиентите.

* Засега, работата на сервисот се спроведува во редовното работно време. Се прават напори – да се намали бројот на клиентите во приемното одделение, преку закажување на сервисните интервенции во интервали. На клиентите им е забранет влез во сервисот, а возилата ги внесуваат наши вработени лица, со заштитна опрема, ракавици и маска. Во сервисот, се применуваат мерките пропишани од надлежните институции.

* Поради агресивноста и високата трансмисија на вирусот, во оваа фаза тест возењата се одложуваат.

* Да. Од превентивна природа, истите се дезинфицираат непосредно пред примопредавањето.

Миркат (Suzuki)

*MИРКАТ ДООЕЛ од 18 март 2020 година, ќе има скратено работно време од 10-16 часот
* Нема да има тест возење.
* Заштитни мерки се тие што ги пропиша Владата.
* Секако се врши испорака на возила.

 

Како во време на „коронавирус“: Кои автосалони и овластени сервиси работат – какви услуги нудат

Прашања со слична содржина испративме и со другите импортери на возила во Македонија за брендовите Mercedes, Kia, Volvo, Honda и Peugeot, но се уште не добивме договор за мерките што тие ги преземаат во врска со ситуацијата што е на сила.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK