Поранешниот шеф на Fiat Chrysler Automobiles и Ferrari, Серџо Маркионе почина на 66-годишна возраст. Оваа вест ја соопшти претседателот на Управниот одбор на концерот, Џон Елкан.
Маркионе доби церебрална емболија после операција на рамото. Менаџерот се наоѓаше во кома, а беше поврзан на апарати и така се одржуваше в живот.
Според медиумите од Италија, мозокот на Маркионе бил оштетен од блокирана артерија, а ова докторите никако не можеле да го излечат. Операцијата во Универзитетската болница во Цирих била ризична, но Маркионе бил подложен и покрај опасностите. Сепак, болката во рамото била толку голема што едноставно морало да биде опериран.
Овој трагичен развој на настаните допринесе и за промени на врвот во Fiat Chrysler Automobiles и Ferrari. Местото на Маркионе го зазеде шефот на Jeep, Мајк Манли, додека раководството во Маранело сега е предадено на раководителот на Philip Morris International, Луи Камилери.
Серџо Маркионе беше поставен за прв човек на Fiat во 2004 година. Пет години подоцна талентираниот менаџер го спаси Chrysler од банкрот, откако ги спои двете компании. Новосоздадениот концерн стана седми по продажби во светот. На почетокот на јуни Fiat Chrysler Automobiles го претстави својот амбициозен план за развој во следните години, кој предвидува голем број на нови модели со конвенционален и електричен погон.
Маркионе беше роден во 1952 година во Италија. Родителите му емигрираат во Торонто, каде Серџо завршува Филозофски факултет. Има и докторска титула за бизнис администрација и вишо правно образование. Говореше англиски, француски и италијански јазик, а кариерата ја почна во Fiat во 2003 година како независен консултат. Требаше да се пензионира следната година.