По само две трки во СП во рели, тимот на Toyota покажа дека се подготвени за враќање во WRC првенството на голема врата, со победа. Јари Мати Латвала по пауза од 18 години повторно ја искачи Toyota на првото од победничкиот пиедестал, со триумф на релито во Шведска.
Последен пат Дидије Ориол победи на WRC трка во Кина во 1999 година. Сега во генерален пласман Латвала води до 46 бода, четири повеќе во однос на Себастинан Ожије.
Латвала го наследи водството откако Тјери Нојвил во саботата имаше инцидент на последната етапа, и тоа на втора трка сезонава по ред. И во Монте Карло претходно Нојвил удри во препрека на патот, кршејќи ја суспензијата. Сега имаше блиска средба со камен блок на супер специјалната етапа во Карлштад, и тоа во моменти на водство од 40 секунди на три етапи до крај.
Во отсуство на Нојвил, она што беше интересно за борба за второто место сега стана борба за победа. Латвала остана лидер пред От Танак и Себастијан Ожије. Во саботата предвидените етапи беа скратени поради загриженост заради големите брзини што ги развиваа тркачите, а Танак успеа да ја намали предноста на Латвала од 21,6 на само 3,8 секуни. Себастијан Ожије заостануваше 16,6 секунди во однос на Латвала.
Во неделата, возачот на Toyota покажа нова мајсторија па направи разлика од 20 секунди пред последниот специјален спит. Латвала победи и на овој специјален испит и доби плус пет бода, а на крајот имаше вкупно 29,2 секунди предност во однос на Танак. Трет беше Себастијан Ожије со заостанување од 59,5 секунди.
Следната трка се вози во Мексико од 10 до 12 март.