По неодамнешното претставување на новиот Renault Boreal, францускиот производител веќе ја подготвува следната голема премиера за Јужна Америка. Станува збор за нова пикап верзија, базирана на концептот Renault Niagara, чија серијска верзија ќе биде произведувана во Аргентина и ќе се појави во продажба во втората половина на 2026 година.
Информацијата доаѓа директно од Пабло Сибила, претседател на Renault Аргентина, кој во интервју за Motor1.com Argentina на презентацијата на Boreal во Сао Пауло ја потврди оваа вест.
Сибила потенцира дека новиот пикап е стратешки важен производ за Renault во Јужна Америка, особено за фабриката во Санта Изабел, каде што ќе се склопува возилото. Откако сега Renault Boreal е финализиран, инженерските тимови ќе се пренасочат на развојот на пикапот, кој ќе споделува многу елементи со SUV моделот – вклучувајќи внатрешност, технологии и механика.
Пикапот, кој сè уште не го доби официјалното име, веројатно ќе го задржи концептуалното ознака “Niagara”, со мали измени за да добие сопствен идентитет.
Тој ќе биде опремен со 1.3-литарски турбо мотор и автоматски менувач со двојна спојка – истиот што се користи и кај Boreal.
Бидејќи Boreal е базиран на Dacia Bigster, се очекува и новиот пикап да следи слична дизајнерска и технолошка логика, но со карактеристики специфични за товарни возила. Се очекува автомобилот да биде конкурент на Fiat Toro и Ram Rampage, модели кои се веќе утврдени на пазарот.
Првите тест-возила веќе се забележани на аргентинскиот терен, а пред-сериските единици наскоро треба да започнат со тестирање во Бразил и Аргентина. Засега нема информации дали ќе се нуди и хибридна верзија, иако пазарот сè повеќе бара такви решенија.