Две возила на Peugeot добија признанија во Националниот избор за „Автомобил на годината во Македонија“ за 2021 година. Жирито на моделите на Peugeot им го додели признанието за СУВ на годината и за EV на годината (електрично возило).
Ова е 26. Избор што се одржува во Македонија и се избира „Автомобил на годината“ како единствена манифестација во која гласаат новинари кои ги следат случувањата во автомобилската индустрија. Почнувајќи од 1995 година постојано и континуирано се одржува Изборот во Македонија и е најстариот на просторите на Балканот.
Моделот e-208 е првиот што го добива признанието за електрично возило, бидејќи од оваа година Националното Жири реши да доделува признание EV на годината за модел што ќе донесе најмногу новитети во однос на електрификацијата.
Во oбразложение за одлуката за Peugeot e-208 се вели: „Процесот на неизбежната електрификација Peugeot го демократизира со e-208. Електричниот пакет со кој се цели кон намалување на штетните издувните гасови, е составен од моќен електромотор и сет од батерии доволен за исполнување на потребите за неделна употреба. Сето тоа спакувано во суб-компактни димензии со естетика топло прифатена од широк круг купувачи. Прифатливата цена е уште еден адут кој се бележи на позитивното конто на францускиот електричар со континентални амбиции“.
Со признание се закити и моделот Peugeot 2008 кој беше прогласен за СУВ на годината. За него Националното Жири за Избор на автомобил на годината во Македонија вели:
„Peugeot 2008 внесува голема доза оригиналност која ја комбинира со широка лепеза на моторни опции и содржајни пакети на опрема. Карактерот на Peugeot се интерпретира преку стилски елементи својствени само за корисниците со истенчен вкус за деталите. Визуелизацијата на 2008, иако изградена врз традиционалните вредности, решително зачекорува кон иднината. Првично наменет за помладата популација, 2008 поседува моќ да анимира широк круг лубители кои имаат афинитети кон убаво спакувана висока технологија“.
Инаку наградата за „Автомобил на годината во Македонија“ за 2021 година ја доби моделот Citroen C4.