Понудата на семејни автомобили никогаш не била толку богата и разновидна како денес. Најразлична големина, најразлични облици, голем избор на опрема и мотори, но дали знаете кои се најдобрите од најдобрите семејни автомобили?
Магазинот AutoTrader направи селекција на најдобрите пет семејни автомобили при што при селекцијата се водеше од најразлични параметри како што се просторноста, издржливоста, практичноста, сигурноста, трошоците за одржување и слично.
Петтата позиција во изборот на AutoTrader припадна на Renault Captur. Субкомпактниот SUV кој се темели на платформата на Clio, благодарение на поголемото меѓуоскино растојание обезбедува одличен простор во внатрешноста за патниците како и солиден багажен капацитет.
Доколку сепак сметате дека Renault Captur e премногу мал, тука е Peugeot 3008 кој со поголемите димензии овозможува поголем простор за вас и вашето семејство. Овој SUV кој е позициониран помеѓу 2008 и 5008 се карактеризира со одлична пространост и одличен дизајн што ви обезбедува истовремено просторност и кул дизајн.
На третата позиција, благодарение на просторноста внатре, конкурентните цени и прифатливите трошоци за одржување се наоѓа Skoda Superb кој важи за одличен избор кога е во прашање D сегментот. Затоа не е ни чудно што на оваа листа на AutoTrader се најде овој модел на чешкиот производител.
На следната позиција се наоѓа уште еден модел на Skoda. Станува збор за SUV моделот Kodiaq. Добрата опременост, одличните перформанси на патот и просторноста се главните причини зошто сребрениот медал замина за овој автомобил.
На првата позиција се наоѓа SEAT Alhambra. Овој моноволуменец се темели на платформата на Volkswagen Sharan и истовремено обезбедува голема пространост, а исто така доаѓа во изведба со седум седишта што е идеален за големи семејства. Во полза на овој модел одат и релативно конкурентната цена како и безбедноста која е поткрепена со петте ѕвезди на краш тестот.
Со претставувањето на петте најдобри семејни автомобили се надеваме дека успеавме да ви помогнеме во изборот за следниот ваш семеен автомобил.