Пад на продажбата на возила во Европа во април

ОБЈАВЕНО НА:

Продажбата на нови автомобили во Европа во април е опадната за 6,6 отсто објави Асоцијацијата на Европските автомобилски производители (АЦЕА). Причината е што наместо во март, Велигден сега беше во април поради што имаше два работни дена помалку. Вкупниот број на продадени возила е 1,23 милиони вклучувајќи ги земјите од ЕУ и ЕФТА.

Падот во април е прв забележан годинава, а во првите четири месеци вкупно се продадени 5,49 милиони возила. Повеќето од главните пазари имаат пад во април, додека во В.Британија тој е двоцифрен (-19,8 отсто), а потоа следуваат Германија (-9 отсто), Франција (-6 отсто), и Италија (-4,6 отсто). Само во Шпанија е забележан пораст, и тоа од 1,1 отсто.
Позитивни сигнали има од земјите кои станаа членки на ЕУ од 2004, каде има зголемување од 8,2 отсто.

Во однос на првите четири месеци од годинава, останува позитивна побарувачката за нови возила (+4,7 отсто). И покрај падот во април, за првите четири месеци на сите поголеми пазари има позитивен тренд.

Гледано според брендови, VW групацијата во која има 12 бренда има пазарна застапеност од 24,8 наспротив ланските 25,4 отсто. Падот кај Volkswagen е 9 отсто. Пад во продажбата има кај VW (-14 отсто), Audi (-10), Skoda (-5,4), Porsche (-17 отсто). Новата Ateca му донесе пораст на Seat од 15 отсто.
Новорегистрираните возила во PSA групацијата паднаа за 6,7 отсто, и тоа Peugeot (-4,2) a Citroen (-6,2 отсто). Кај ривалскиот Renault падот е 2,9 отсто.

Продажбата на нови возила со знакот на Ford во Европа е намален за 12 отсто, додека Opel и Vauxall имаат пад од 13 отсто.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK