Порано од очекуваното на интернет се појавија и првите фотографии од новата, шестта генерација од моделот Corsa на Opel. Како што се очекуваше, екстериерно овој модел доаѓа со радикални измени не содржувајќи ниту еден елемент од актуелната генерација. Тоа беше и повеќе од јасно откако PSA Групацијата го купи Opel.
Новата Corsa се базира на CMP (Common Modular Platform) платформа која е развиена од страна на PSA групацијата и се користи кај Peugeot 208. Должината изнесува 406 см, ширината 173 см, висината 143 додека пак меѓуоскиното растојание изнесува 254 см.
Централно место во понудата ќе заземат 1.2 литарскиот бензински мотор кој доаѓа со 75КС, 100КС и 130КС како и 1.5 литарскиот дизелски мотор со 100КС. И двата мотори ќе бидат достапни со мануелен или автоматски менувач.
Новата дизајнерска филозофија може да се примети во секој дел од автомобилот. Така радикално изменета е и внатрешноста каде централно е поставен напредниот инфотејнмент систем со екран осетлив на допир. Работено е и на просторноста па така оваа генерација доаѓа со 24 литир повеќе капацитет во багажниот простор.
Следната година, покрај основната изведба се очекува PSA Групацијата да ја лансира и електричната изведба, заедно со моделот Peugeot 208 со кој всушност ќе ја споделува и технологијата.
Саемската премиера на овој модел најверојатно ќе се одржи на саемот за автомобили во Франфурт во септември годинава кога се очекува да бидат обелоденети сите технички карактеристики како и продажната цена.