Најголемиот кинески производител на автомобили Geely минатата година го збогати своето портфолио со уште еден бренд. Станува збор за брендот Geometry кој се приклучува на Geely, Volvo, Lotus, Proton, Lynk&Co, Terrafugia, London EV Company, Emerald и други засега не толку експонирани брендови.
По само една година Geometry го претстави својот прв модел – моделот C.
Станува збор за целосно електричен автомобил чија должина изнесува 4.432 мм, широчина 1.833 мм, височина 1.560 мм и меѓуоскино растојание од 2.700 мм. Овие димензии ја гарантираат просторноста која се огледа и во минималниот капацитет на багажниот простор од 430 литри.
За движењето најзаслужен е електричниот мотор кој е сместен на предниот дел од автомобилот. Располага со 204 КС и 310 Nm, а со едно полнење на батериите ќе може да помине од 400 до 550 км, во зависност од верзијата на батеријата.
Во продажба овој модел ќе се најде во јули годинава во Кина, а со оглед на тоа што станува збор за бренд кој ќе биде глобален, в текот на следната година се очекува да се појави и на останатите пазари.
Инаку овој бренд до 2025 година планира да лансира 10 нови модели.