Одлична вест: Иџе ќе вози на трки и во Македонија!

ОБЈАВЕНО НА:

Состојбите во авто спортот во Македонија полека се враќаат во нормала, и наскоро ќе биде објавен и календарот на трките што се планираат за 2018 година, на ридски и кружни патеки. А како шлагворт на тортата е дека на нив, или на некои ќе се појави и Игор Стефановски, нашиот најтрофен возач кој зада себе има и европска титула на ридски патеки.

Стефановски ги промовираше плановите за следната сезона и ќе настапува во европскиот ТЦР шампионат каде ќе биде вториот Македонец заедно со Виктор Давидовски. Интересно е што Стефановски најави дека ќе се појави и на трките во Македонија, па неговите фанови ќе ги видат возилата со кои тој ќе настапува, но и во живо ќе може да се насладуваат на мајсториите на возењето.

„Размислувам и би сакал да настапам на домашни трки. Ако се средат работите во авто спортот тогаш сигурно ќе бидам и на патеката. Не сакам да завземам ниту една страна, сакам да се тркам и да се појавам и на трките во Македонија. Имам дури и размислување да инвестирам во млади возачи што би настапувале за тимот на „Стефановски рејсинг“ и би добила поддршка во нивниот развој, изјави Стефановски за www.24auto.mk на промоцијата во Скопје.

Деновиве Автомобилистичката федерација на Македонија треба да го објави календарот на трки, на ридски и кружни патеки, а би требало да има и шампионат во картинг. Клупските несогласувања веќе се минато и сите возачи што досега настапуваа во странство со лиценци од клубови од други земји сега треба да се појават на домашните трки.

Лани во октомври првпат после седум години се организираше кружна трка во Скопје на која имаше 20.000 гледачи крај патеката.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK