Од 1 јуни годинава во Австрија влегува на сила законската измена која предвидува казна за сите што ќе пушат во автомобил, а при тоа во возилото има лице помладо од 18 години. Според законот, за прекршување на истиот предвидена е парична казна до 100 евра, меѓутоа доколку по втор пат се прекриши законската одредба тогаш полицијата може да изрече парична казна и до 1.000 евра.
Инаку законската одредба предвидува само казна за возачот, па поради недоволната прецизност на ова законско решение, австрискиот автомото клуб OeAMTC смета дека имплементацијата на овој закон во пракса ќе предизвика бројни проблеми, меѓу другото и поради тоа што за да биде казнет возачот истиот не мора да биде сопрен туку казната ќе му стигне на домашна адреса.
Хофер, претставник на овој клуб наведува дека во новата законска измена не е разгледан “што ако” моментот во кој малолетник пуши цигара и не е јасно дали во тој случај ќе биде казнет возачот бидејќи ова законско решение има за цел да ги заштити малолетните лица кои се сметаат за непуштачи.
Австрија ќе биде само една во низата земји од Европската Унија во која е забрането пушење во автомобил. Во Итлаија постои сличен закон според кој се забранува пушење на било која личност во автомобил доколку во истиот се превезува трудница или малолетно лице. Во Грција пак законот предвидува забрана за пушење доколку во возилото се вози лице помладо од 12 години, а казната за прекршување на истиот изнесува 1.500 евра.