Новата серија на електрични автомобили на Audi, развиена во Кина за кинескиот пазар, нема да го носи своето препознатливо лого со четири прстени, велат извори кои се директно се запознени соп плановите на компанијата. Одлуката на германската марка во сопственост на Volkswagen е донесена поради „имиџот на брендот“, изјавил еден од изворите.
Одлуката, исто така, ја одразува употребата на автомобилска архитектура развиена во соработка со кинескиот партнер SAIC и зголемената зависност од локалните добавувачи и технологии.
Новата серија, внатрешно наречена „Purple“, ќе има различно лого или едноставно ќе го носи името на Audi на возилата, пренесува агенцијата Ројтерс.
Концепт автомобил од серијата ќе биде претставен во ноември, кога Audi ќе ја објасни и „приказната за брендот“ на серијата, велат изворите. Планирано е до 2030 година да бидат претставени девет нови модели. Изворите зборуваа под услов да останат анонимни бидејќи производителот на автомобили не објави планови.
Audi одби да коментира за, како што ги нарече шпекулации, додека SAIC рече дека електричните возила ќе бидат „вистински Audi со автентична Ауди ДНК“.
Кинеските производители на автомобили се повеќе добиваат удел на нивниот домашен пазар, најголемиот во светот, со технички напредни електрични возила. Ова доведе до пад на продажбата на странските производители на автомобили, кои многу повеќе се потпираат на моделите со бензински мотори, принудувајќи ги да формираат нови партнерства.
Audi и SAIC, долгогодишен партнер на VW, во мај изјавија дека заеднички ќе развијат платформа за електрични возила за кинескиот пазар. Развојот на автомобили специјално за Кина им овозможува на странските производители на автомобили да се запознаат со најновите карактеристики на електричните возила и кинеските вкусови.