Porsche ја проширува својата електрична SUV понуда со петтата изведба во гамата – Macan GTS, модел кој ветува дека ќе ги спои спортските перформанси и електричната ефикасност во совршен баланс. Со моќност до 420 kW (571 КС) и забрзување од 0 до 100 km/h за само 3,8 секунди, Macan GTS е вистински наследник на GTS традицијата – возило со изразен спортски карактер, агилност и прецизно управување.
Како и кај Macan Turbo, GTS ја користи најмоќната електромоторна конфигурација на задната оска, комбинирана со мотор на предната оска за вкупен вртежен момент од 955 Nm. Ова му овозможува неверојатни перформанси, но и досег до 586 км. според WLTP циклусот. Батеријата од 100 kWh се полни од 10 до 80% за само 21 минута, благодарение на 800-волтната архитектура и брзо полнење со 270 kW.
Macan GTS располага со пневматска спортска суспензија и систем Porsche Active Suspension Management (PASM), со намалено подвозје за 10 мм. Во комбинација со електронска блокада на задниот диференцијал и Porsche Torque Vectoring Plus, автомобилот нуди стабилност и контрола типична за спортски модели. Опционалното управување на задната оска овозможува уште подобра агилност, а режимот „Track Mode“, преземен од Taycan, ја оптимизира батеријата и електричната ефикасност при динамично возење.
Визуелно, Macan GTS се издвојува со црни акценти, затемнети Matrix LED фарови и динамични странични линии. Од 2026 година, новиот Sport Design пакет ќе биде достапен за целата Macan линија – но GTS ќе биде првиот што ќе го носи стандардно. Новите бојни опции – Carmine Red, Lugano Blue и Crayon – ја нагласуваат ексклузивноста на моделот, додека 21-инчните Macan Design фелни или опционалните 22-инчни RS Spyder Design тркала го заокружуваат спортскиот изглед.
Внатрешноста е комбинација на црна кожа и Race-Tex материјал, со GT спортски волан и спортски седишта. Новата GTS Interior Package овозможува внатрешните шевови, безбедносни појаси и ознаките „GTS“ да бидат во иста боја со екстериерот – Carmine Red, Slate Grey Neo или Lugano Blue. Во дигиталната кабина, централниот дисплеј ја прикажува бојата на надворешноста, а GTS логото е дел од сите дигитални интерфејси, вклучувајќи ја и апликацијата за мерење на перформанси.

Macan GTS доаѓа со најновиот Porsche Digital Key, AI-поддржан Voice Pilot, интегрирано in-car gaming, како и зголемена влечна моќност до 2.500 кг.
Новиот Porsche Macan GTS е веќе достапен за нарачка во Германија, по цена од 104.200 евра, со вклучен ДДВ и опрема. Со овој модел, Porsche уште еднаш покажува дека електричната иднина не значи помалку страст – туку нов начин таа да се почувствува уште поинтензивно.









