Европските аеродроми се соочуваат со сериозни гужви и хаос откако почна постепеното воведување на новиот Entry/Exit System (EES) – дигитален систем за биометриска контрола што ќе стане задолжителен до април 2026 година.
Проблемите најмногу ги чувствуваат патниците од земји кои не се дел од Шенген зоната, вклучувајќи ги Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Турција, Велика Британија и други држави.
Патници: „Чекавме со часови, редици без крај“
Патници кои неодамна пристигнале на европски аеродроми опишуваат сцени со долги колони, чекање што понекогаш трае два до три часа, а во екстремни случаи дури и подолго.
Некои велат дека поради воведувањето на EES биле сведоци на прекини, застои и забавено процесирање, а имало и случаи каде патници доживувале онесвестување од замор и притисок додека чекале на биометриската контрола.
Зошто EES предизвикува толкав застој?
Новата процедура подразбира:
* скенирање на лице,
* скенирање на отпечатоци од прсти,
* дополнителна проверка на документите,
* внесување на податоците во заеднички европски систем.
Овие чекори го забавуваат процесот, особено за патниците кои првпат влегуваат во Шенген по активирањето на системот.
EES е активиран на 12 октомври и постепено се интегрира на граничните премини, што во првите недели предизвика сериозни логистички проблеми.
Синдикати и работници на аеродромите алармираат
Според синдикалните организации, хаосот бил очекуван, но не и во ваков обем.
Во некои аеродроми било забележано чекање од 10 до 15 часа, што предизвика незадоволство кај патниците, но и кај персоналот.
Организациите кои ги следат туристичките и авио-секторите веќе поднеле извештаи до Европската комисија со барање за забрзана координација и подобри услови, но конкретни одговори засега нема.
Што треба да знаат патниците од Македонија и регионот?
Патниците од земји надвор од Шенген зоната, вклучувајќи ја и Македонија, треба да се подготват за:
* подолги редици и чекање,
* дополнителни биометриски проверки,
* потенцијални задоцнувања при трансфер,
* потреба од пристигнување порано од вообичаено.
Аеродромските власти во повеќе европски земји апелираат патниците да бидат трпеливи и да планираат дополнително време за премин на границите.
EES треба целосно да профункционира до април 2026, но експертите предупредуваат дека ако не се направи сериозна технолошка и кадровска надградба, европските граници би можеле да се соочат со уште поголеми застои, особено во сезоните на масовни патувања.









