Citroen ELO е нов концептен, ултракомпактен електричен ван долг околу 4,10 метри, осмислен по филозофијата „small is the new big“ – минимални димензии, максимална искористеност на просторот. Со тркалата турнати во аглите и електромотор на задната оска, ELO нуди рамна подлога и изненадувачки пространа кабина.
Ентериерот е дизајниран како „мала куќарка“ на тркала и може да прими до шест патници. Во основа има четири седишта, со возачко седиште во центар напред, што дава одлична видливост и чувство на кокпит. Седиштето може да се ротира за 360 степени кога возилото е паркирано. Задната клупа има три седишта што може да се извадат и да се користат како столчиња надвор, а под нив се кријат уште две дополнителни преклопни седишта, така што во вкупен капацитет ELO станува шестсед, без да се жртвува багажникот.
Концептот е развиен околу три сценарија – „Rest – Play – Work“. За одмор, во багажникот се сместени два душеци од Dropstitch материјал што се надувуваат со вграден компресор и создаваат рамни кревети за две лица, додека задните светилки стануваат ноќни ламби, а може да се монтира и мал проектор и платно за мини кино. Во „Play“ режим, ELO служи како база за активности на отворено – со V2L технологија може да напојува електричен скара, звучник или друга опрема, а вградениот компресор ги полни гумите на велосипед, SUP или самото возило.
Во „Work“ сценарио, ELO се претвора во мобилна канцеларија. Возачкото седиште служи како работна столица, под централното задно седиште има скриена масичка за лаптоп, а проекциски дисплеј под ветробранското стакло прикажува информации, видеоконференции и навигација без возачот да го трга погледот од патот. Воланот е модерна интерпретација на еднокрак управувач со два џојстик прекинувачи за дигиталните функции.

ELO е и демонстрација на одржливост: во ентериерот се користат рециклирани и лесно пераливи материјали, филц од претходни проекти и пластични облоги што се чистат брзо и издржуваат груба употреба. Citroen нагласува дека ELO нема директно да влезе во производство, туку ќе служи како лабораторија за идни сериски модели на брендот и на Stellantis, со фокус на максимална модуларност, паметни решенија и едноставни, но корисни технологии за секојдневен живот.









