BMW ја претстави новата BMW i3 како првиот целосно електричен 3 Series и втор модел од Neue Klasse. Верзијата BMW i3 50 xDrive носи 345 kW/469 КС и 645 Nm, домет до 900 км (WLTP) и DC полнење до 400 kW, а производството почнува во август 2026 во фабриката во Минхен.
BMW ја отвора новата ера на 3 Series со целосно електричната BMW i3 – вториот модел од Neue Klasse, која компанијата ја опишува како „технолошки квантен скок“. Првото лансирање е најавено како BMW i3 50 xDrive, со електромотор на предната и на задната оска. Комбинираната системска моќност изнесува 345 kW, односно 469 КС, а максималниот вртежен момент е 645 Nm.
Новиот модел е опремен со шестата генерација BMW eDrive технологија, новиот BMW Panoramic iDrive и „Heart of Joy“ – високоперформансен компјутер кој, според BMW, реагира десет пати побрзо од претходните системи. Заедно со уште три компјутери, Heart of Joy е центар на новата софтверска и електронска архитектура, со цел автомобилот да биде попрецизен во управување, постабилен и поинтуитивен во реакциите.
BMW посебно нагласува дека новата BMW i3 останува препознатлива како 3 Series и покрај електричниот погон. Дизајнот носи модерна интерпретација на класичните седан пропорции, со таканаречен 2.5-box концепт, долго меѓуоскино растојание, кратки превиси и линија што се спушта кон задниот дел. Предниот дел го задржува препознатливото лице како идеја, но во нова форма – решетката и двојните светла се споени во нов светлосен потпис. Задниот дел добива нагласено хоризонтални светла, а проширените крила ја истакнуваат широката, спортска поставеност на автомобилот.
Ентериерот е замислен да ја искористи целосно електричната архитектура, со високо ниво на просторност и современ минимализам, но со јасна ориентација кон возачот. Според BMW, BMW Panoramic iDrive не е само нова мултимедија, туку концепт што ја подигнува филозофијата на „оринтираност кон возачот“ на следно ниво. Во истиот пакет, BMW Symbiotic Drive носи нова ера и во асистираното возење, со цел искуството да биде поприродно и посигурно.
Еден од највпечатливите технички податоци е намената за долги патувања. BMW наведува домет до 900 километри според WLTP, како и DC полнење до 400 kW. Според фабричките податоци, со брзо полнење може да се надополни енергија за до 400 километри за 10 минути (во WLTP циклус, согласно ISO 12906). Основата за ова е 800-волтна технологија и нови високонапонски батерии со нови округли ќелии, со cell-to-pack конструкција која овозможува висока енергетска густина и потенка батерија.

Новиот модел носи и двонасочно полнење – Vehicle-to-Load (со дополнителна опција), Vehicle-to-Home и Vehicle-to-Grid, што значи дека автомобилот може да напојува уреди, дом или да учествува во мрежни решенија, зависно од инфраструктурата и опремата.
Производството на BMW i3 е планирано во матичната фабрика на BMW Group во Минхен, во локацијата Милбертсхофен, која има повеќе од еден век традиција во производство на премиум возила. Во последните четири години фабриката поминала низ голема модернизација – изградени се нова каросериска хала и нов, современ склопувачки простор со логистички капацитети. BMW наведува дека производството на новата BMW i3 ќе стартува во овие хали од август 2026, а првите испораки се планирани од есен истата година. Една година подоцна, фабриката треба целосно да премине на производство исклучиво на целосно електрични модели од Neue Klasse.









