Во Велика Британија заврши тригодишно тестирање на нов тип патна подлога изработена со графен, еден од најиздржливите материјали познати на човекот.
Резултатите се импресивни: новата смеса наречена Gipave покажала дека е за 10% потврда и 20% поотпорна на вода од традиционалниот асфалт.
Експериментот се одвиваше во Есекс, во близина на Лондон, каде инженерите поставија две ленти – една со класичен асфалт, а друга со графенскиот Gipave.
Во текот на три години, локацијата беше подложена на интензивен сообраќај и различни временски услови, по што независни инженери зедоа примероци за лабораториски анализи.
Резултатите покажаа дека при оштетување на подлогата Gipave, не се распаѓа битумот (лепливиот дел од асфалтот), туку камената структура, што укажува дека графенот значително ја зголемува издржливоста и стабилноста на материјалот.
Графенот е ултратенок, двoдимензионален материјал составен од атоми на јаглерод распоредени во форма на саќе. Тој е милион пати потенок од човечко влакно, а сепак 200 пати поцврст од челикот. Денес веќе се користи во производството на батерии, полупроводници и високотехнолошки материјали, но ова е првпат да се тестира во патна инфраструктура.
Првиот тест со Gipave започна во 2022 година, кога 165 тони од новиот материјал беа поставени на пристапен пат до автопат. Целта беше да се провери дали графенската смеса може да издржи интензивен сообраќај и екстремни температури низ повеќе сезони.
Инженерите велат дека резултатите се повеќе од ветувачки – новиот материјал не само што е потраен, туку и го намалува потребното одржување, што би можело да донесе огромни заштеди на долг рок.
И покрај предностите, високата цена останува главната пречка за масовна примена.
Еден квадратен фут (околу 0,09 m²) чини околу 30 центи, што значи дека обнова на една милја (1,6 km.) на пат со четири ленти тоа би чинела неколку стотици илјади долари. А доколку би се применил Gipave на сите патишта во САД, трошоците би надминале 124 милијарди долари.
Сепак, експертите сметаат дека селективна употреба, особено на најоптоварените делници или за закрпи на дупки, би можела да биде ефикасно и долгорочно исплатливо решение.
Податоците покажуваат дека само во САД годишно се трошат над 200 милијарди долари за патна инфраструктура, а штетите од дупки изнесуваат 26,5 милијарди долари годишно.
Со оглед на тоа дека патиштата се скапи, но неопходни, графенот може да стане револуционерно решение – поскап при поставување, но многу поевтин во одржување и подолготраен за иднината.









