АвтоВАЗ официјално потврди дека премиерата на моделот Iskra ќе се одржи на 18 јули 2025 година. Продажбата започнува два дена подоцна, на денот кога АвтоВАЗ ја одбележува својата 59-годишнина. Првите возила ќе бидат испорачани кај дилерите во Москва, Санкт Петербург и Толјати, а потоа и во други градови низ Русија.
На 18 јули АвтоВАЗ ќе ги објави нивоата на опрема и официјалните цени на Lada Iskra. Според првични информации, почетната цена ќе изнесува околу 1,2 милиони рубљи (13.000 евра) — поскапа од Granta, но поевтина од основниот модел на Vesta. Се очекува да се произведуваат неколку „основни“ верзии со 8-вентилски мотор, како и повисоки нивоа на опрема со 16-вентилски мотор.
Производството на Iskra започна на 19 април годинава. Моделот ќе се нуди во седан, караван и кросовер верзија, а со должина од околу 4,3 метри се позиционира меѓу Granta и Vesta.
Гамата на мотори вклучува 1.6-литарски агрегати со 90 и 106 коњски сили. Помоќниот мотор ќе се нуди со шестстепен мануелен менувач или CVT, додека послабиот со петстепен мануелен менувач.
Околу опремата, Iskra ќе има ABS, систем за стабилност, како и асистент за тргнување на нагорнини. Ќе биде достапна и функцијата старт со копче, која досега ја имаше само Vesta.
Производствените капацитети на АвтоВАЗ овозможуваат производство до 150.000 возила годишно, но во првата година ќе бидат произведени само 20.000 единици, изјави претходно директорот на фабриката Максим Соколов. Планирано е постепено зголемување на производството во согласност со побарувачката.