Од овој број 132 возила се подигнати со пајак, а на 177 возила им биле ставени блокатори за непрописно паркирање. Една седмица претходно беа казнети 252 возачи.
Иако е летен период кога голем дел од фирмите и државните институции во општина Центар се на одмор се уште има возачи што ги оставаат возилата „а пет минути“ на недозволени места или паркираат каде е забрането. А ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје имаше „плодна соработка“ и во текот на минатата недела санкционираа 309 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
Тоа е рекорд бидејќи во периодот од 8 до 15 јули биле казнети 252 возачи за погрешно паркирање на територијата на општина центар со паркинзите со кои стопанисува Општината. Сега во периодот од 15.07. до 22.07.2019 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 132 непрописно паркирани возила, од кои едно (1) несовесно паркирано возило на паркинг место наменето за лица со посебни потреби, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 177 возила кои биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.
ЈП ПОЦ и Општина Центар најавуваат дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општината.
Еве колку ќе ве чини ако пајак го земе вашето возило на паркинг простор во општина Центар.
* Преместување на моторни возила со вкупна маса до 2.500 килограми
во депо на Пајак служба 2.500,00
* Преместување на моторни возила со вкупна маса над 2.500 килограми
во депо на Пајак служба 3.500,00
* Отпочнување на преместување на возило со вкупна маса до 2.500
килограми-доаѓање на Пајак возило 1.500,00
* Отпочнување на преместување на возило со вкупна маса над 2.500
килограми-доаѓање на Пајак возило 2.000,00
Ако возилото биде блокирано со механичко средство – блокатор тогаш цената што ќе ја платите е 1.200 денари.