Електричните возила стануваат предизвик и за производителите на електрични апарати. Dyson, еден од најпознатите светски производители на правосмукалки најави дека ќе прави електричен автомобил.
Веста ја откри основачот на компанијата, Џејмс Дајсон, во писмото адресирано до вработените дека електричното возило ќе биде промовирано до 2020 година.
“Наместо да ги прочистуваме издувните гасови кај ауспухот, денеска имаме можност решението да го побараме кај изворот. Затоа сакав ова да го чуете директно од мене: Dyson почна со активности за производство на електрично возило опремено со батерија, кое треба да биде промовирано до 2020 година“, вели Дајсон во писмото.
Dyson уште во 2015 година ги почна активностите на неговото електрично возило и во моментов има тим од 400 инженери кои работат на проектот.
James Dyson just announced to @Dyson employees that we’ve begun work on a battery electric vehicle, due to launch in 2020. pic.twitter.com/yUZNvIsYIi
— Dyson (@Dyson) September 26, 2017
Во писмото, Дајсон објаснува дека неговиот интерес за возило, кое нема да ја загадува животната средина, се појавил откако го прочитал извештајот од Американката национална институција за безбедност и здравје од 1988 година за тоа дека издувните гасови од дизелот предизвикале прерана смрт кај лабораториски глувци и стаорци.
Во следните пет години, Dyson создаде неколку различни прототипи коишто требаше да ги филтрираат штетните честички, но подоцна проектот беше откажан.
Автомобилот на Dyson ќе се нарачува, а потрошувачот ќе може да ја одбере шасијата, додека батерија ќе користи технологија која е развиена за домаќинства. Според компанијата за овој проект наменети се околу две милијарди фунти.