Француските власти повторно ја отворија аферата за манипулација со издувни гасови – овојпат со фокус на два историски француски бренда: Peugeot и Citroеn, денес дел од групацијата Stellantis. Како што пренесува Automobile Magazine, Париското обвинителство побара отворање на второ судење, откако во 2021 година веќе беа подигнати првични обвиненија.
Сомневањата се однесуваат на тоа дека од 2009 до 2015 година, Peugeot и Citroen продавале дизел возила со Euro 5 мотори, кои не ги исполнувале прописите за емисија на азотни оксиди (NOx). Обвинителството тврди дека моторите биле намерно калибрирани за да ги заобиколат еколошките стандарди, а со тоа возилата изразено повеќе загадувале во реални услови отколку на тестирањата.
Иако управител на поранешната PSA групација (денешна Stellantis) ги отфрли обвинувањата и истакна дека калибрациите биле во согласност со тогаш важечките – и „нејасни“ – прописи.
Во спорниот период, Peugeot и Citroen продале речиси два милиони возила, со вкупна добивка од 33,9 милијарди евра. Обвинителството посочува дека со „измамената“ технологија, возилата придонеле кон загадување на воздухот и појава на респираторни болести, што го оценува како отежнувачка околност.
Многу од овие дизел возила, како Peugeot 207, 208, 308 и Citroen C3 и C4, денес се возат како половни автомобили на Балканот, што дополнително ја отвора загриженоста за здравјето и безбедноста.
Претставниците на оштетените граѓани го поздравија развојот на настаните како „клучен чекор“ кон покренување кривична постапка. Тие бараат компаниите да сносат одговорност пред судот и да обезбедат надомест за штетата што ја предизвикале.









