Доколку сте на одмор во една од овие земји и имате потреба од итна и неопходна здравствена заштита тогаш истата ќе ја добиете бесплатно, или само ќе платите партиципација доколку тоа го предвидуваат замошните закони.
Според податоците од Фондот за здравствено осигурување на Македонија во вкупно 17 земји осигурените лица за време на годишниот одмор можат да го остварат своето право на итна и неопходна здравствена заштита надвор од територијата на Република Македонија.
Тоа се однесува на следните земји:
Германија, Австрија, Турција, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина, Чешка, Холандија, Луксембург, Белгија, Франција, Италија, Словачка и Албанија.
Под итна и неопходни здравствена заштита, посочуваат од Фондот, се подразбира користење на здравствени услуги чиешто пружање не може да се одложи до планираното враќање во Република Македонија.
За таа цел пред патувањето во странство осигурените лица на ФЗОМ треба да се обратат во подрачната служба на ФЗОМ каде што е поднесена пријавата за задолжително здравствено осигурување, и да пополнат барање (ПП1) за издавања на двојазичен образец за една од наведените земји.
Повеќе за користењето на здравствени услуги во странство на следниот линк.
Кон барањето се приложува потврда за здравствената состојба, издадена од избраниот лекар (општ и гинеколог за жени) и наод, оценка и мислење на лекарската комисија на ФЗОМ.
Двојазичниот образец на осигурените лица на ФЗОМ им служи како привремена здравствена легитимација во земјата каде што патуваат и на основа на истиот осигурените лица на ФЗОМ се изедначени, во однос на правата и обврските, со осигурените лица на државата во која престојуваат.
Тоа значи дека на основа на двојазичниот образец осигурените лица на ФЗОМ ќе можат да користат итни и неопходни здравствени услуги и за истите ќе треба да платат само лично учество (партиципација), доколку во законските прописи на земјата во која се престојува е предвидено лично учество (партиципација). Во спротивно осигурените лица на ФЗОМ не подлежат на никакви трошоци за користените здравствени услуги.