CUPRA ја пушти на тестирање предсеријската, камуфлирана верзија на новиот Raval и им овозможи на избрани новинари први тест-возења. Иако сè уште „замаскиран“, јасно е дека станува збор за електричен градски хечбек со карактер на мал спортски автомобил.
CUPRA Raval го означува почетокот на нова ера за марката. Тој е првиот модел од урбаното електрично семејство на Volkswagen групацијата – фамилија од четири компактни електрични модели што треба да ја „демократизираат“ електромобилноста во Европа и да ја направат поемотивна и подостапна.
Raval е долг околу 4 метри – типична градска мера – но CUPRA нагласува дека не е направен само за тесни улици и паркинзи. Благодарение на доброто искористување на внатрешниот простор и практичниот, голем багажник, моделот е осмислен и за подолги патувања и викенд патувања.
Се базира на новата MEB+ платформа, со погон на предните тркала и фокус на возачкото уживање: „личноста зад воланот е во центарот на автомобилот“ – велат од CUPRA. Моделот ќе ја има својата светска премиера и пазарен старт во 2026 година. Производството започнува за неколку месеци во Маторел, Шпанија – истата фабрика што стана центар на електрификацијата за дел од VW групацијата.
Заедно со Raval, таму ќе се произведува и идниот Volkswagen ID. Polo, што дополнително ја нагласува стратегијата „во Шпанија за Европа“ и силната улога на оваа фабрика во урбаната електрична офанзива.

Иако е градски електричен модел, инженерите не штеделе на динамика. CUPRA Raval има:
– спортско шасија спуштено за околу 15 мм во однос на други модели на истата платформа
– специјално прилагодени амортизери и пружини
– прогресивно управување за побрз одзив и повеќе агилност во свиоци
– ESC Sport режим кој дозволува повеќе слобода пред да интервенира електрониката
Достапна е и динамичка контрола на амортизерите (DCC): во комфорен режим возењето е поопуштено, а во CUPRA режимот амортизерите се стегнуваат, каросеријата помалку се навалува и автомобилот реагира поостро и поспортски.
За кочењето се грижи систем со т.н. „One Box“ електронска контрола – комбинација од рекуперација и класични дискови напред и назад, со подобрен „feeling“ на педалата и пократки растојанија за запирање.
На врвот на понудата е CUPRA Raval VZ Extreme 100, најмоќната варијанта со 166 kW (226 КС). Оваа верзија добива:
– Dinamica школка-седишта
– DCC Sport шасија со околу 5% поголема цврстина
– поширока трага за 10 мм од основната платформа
– ESC Off режим за ентузијасти
– 19-инчни тркала со пошироки 235 мм гуми
– електронска блокада на диференцијал за максимална тракција
Поентата е јасна – иако е урбан електричен модел, Raval во ова издание сака да биде „мала играчка за големи деца“, со сериозни спортски амбиции.

Три Launch изданија и многу персонализација.
На стартот, CUPRA Raval ќе биде достапен во три посебни Launch изданија:
– VZ Extreme – врв на перформансите, околу 226 КС и досег околу 400 км. Комбинира сурова сила со одржливи материјали и технологии.
– Dynamic Plus – 155 kW (211 КС), повеќе комфор и многу технологија: напредни системи за асистенција, интелигентен паркинг, Matrix LED фарови, школка-седишта и Hi-Fi аудио развиено со Sennheiser Mobility. Досег околу 450 км.
– Dynamic – истата моќност и батерија како Dynamic Plus, сличен досег од околу 450 км, но поедноставно опремување и понизок влезен праг за оние што сакаат CUPRA дух.
Покрај тоа, CUPRA силно игра на картата на персонализација: повеќе нивоа на опрема, различни батерии и мотори, визуелни пакети и детали што им дозволуваат на купувачите да го изразат својот „Raval Spirit“ – автентичност и самореализација како главна порака кон помладата публика.
Со Raval, CUPRA јасно покажува дека урбаниот електричен автомобил не мора да биде „здодевна кутија за град“ – туку може да биде мал, остар, забавен и доволно моќен за да посакаш да го изведеш од град и да го истераш по свиоци колку што ќе држат гумите.









