MG се подготвува да го лансира својот најдостапен електричен модел досега – ривал на новиот Renault 5. Наречен MG 2, автомобилот ќе биде позициониран под MG 4 хечбекот и ќе претставува влезен модел во проширената електрична понуда на брендот, која веќе вклучува седум модели, меѓу кои и новите IM 5, IM 6 и MG S5.
Извршниот директор на MG UK, Дејвид Алисoн, на автомобилскиот настан Goodwood Festival of Speed, изјави дека новиот MG 2 ќе биде директно насочен кон сегментот на достапни градски електрични возила, со цена блиска до 22.000 фунти, што е конкурентно на Renault 5 кој стартува од 22.995 фунти.
„MG отсекогаш имал предност во достапноста на електрични возила, но повеќе не сме најевтини. Пазарот е преполн со нови модели. Затоа, ќе го позиционираме новиот модел со што е можно поагресивна цена, со фокус на достапноста преку ниски месечни рати,“ изјави Алисoн.
Автомобилот ќе биде целосно дизајниран во британското MG студио во Лондон, со дополнителна техничка поддршка од инженерскиот центар во Лонгбриџ. Според Алисoн, европскиот пристап е клучен:
„Овој модел нема да успее на азиските пазари – таму нема побарувачка за возила помали од C-сегментот. Затоа мора да има европски стил и дизајн. Видов неколку концепти и цртежи – и сум полн со доверба дека автомобилот ќе биде голем успех.“
MG 2 ќе биде поставен на модуларната електрична платформа на SAIC – истата што ја користи MG 4. Се очекува да понуди перформанси слични на Renault 5, со мотор од околу 150 КС и домет до 400 километри (со батерија од 52 kWh).
Алисoн истакна дека развојот на моделот е веќе во „напредна“ фаза и дека наскоро се очекува тестирање на прототипи. Иако го лоцираше стартот на производството околу 2028 година, изрази надеж дека MG ќе успее и порано:
Покрај Велика Британија, новиот модел се гледа и како можен адут за пазари како Италија, каде што електричните возила сочинуваат под 4% од продажбата:
„Таму недостасуваат мали електрични автомобили. Со пристапен модел под 4 метри, MG може да постигне голем успех во вакви пазари,“ вели Алисoн.
Со овој модел, MG влегува во сè поактивниот сегмент на достапни градски електрични возила, каде што наскоро ќе се појават и Volkswagen ID.2, Cupra UrbanRebel и Skoda Epiq. Очекувањата се големи, а Алисoн уверува:
„Пазарот за мали и достапни EV возила е многу поголем отколку што сите мислевме. MG мора да биде дел од тој тренд – и ќе биде.“