MG подготвува голем технолошки исчекор во Европа со својата нова SolidCore полуцврста батерија, која веќе влегла во сериско производство и треба да се појави во новиот MG4 EV Urban. Според презентираните информации, батеријата носи побрзо полнење, подобри перформанси и посигурна работа на ниски температури.
MG подготвува сериозен технолошки напад на европскиот пазар, а во центарот на вниманието е новата SolidCore полуцврста батерија. На првиот MG Tech Day во Франкфурт, компанијата ја претстави како прва полуцврста батерија што веќе влегла во сериско производство, со најава дека европското деби ќе се случи уште пред крајот на годината.
Настанот во Франкфурт беше искористен за јасна демонстрација на новата насока на брендот. Пред европските медиуми настапија Јозеф Кабан од MG Global Design Center, Циу Џие од развојниот оддел и д-р Ли Женг, еден од клучните луѓе зад батериските технологии, со јасна порака дека MG сака да се позиционира како технолошки лидер, а не само како уште еден играч во масовниот сегмент.
Според објавените податоци, SolidCore користи манганска структура на катодата, што овозможува тродимензионално движење на литиумските јони. Токму тоа, според MG, носи околу 15 проценти побрзо полнење и 20 проценти подобра реакција при забрзување во споредба со досегашните решенија.
Особено се истакнува и работата на ниски температури. Компанијата тврди дека батеријата на -20 степени Целзиусови задржува повеќе од 90 проценти од капацитетот при празнење, што директно удира по еден од најчестите аргументи против електричните автомобили во зимски услови.
Безбедноста е уште еден столб на оваа технологија. Батеријата е составена од 95 проценти цврсти елементи и има керамички електролитен слој што служи како огноотпорна бариера. Според презентацијата, ќелиите не се запалиле ниту при прободување со остар предмет, ниту под силен механички притисок.
Новата батерија ќе дебитира во MG4 EV Urban, модел што за првпат беше прикажан пред европската публика токму во Франкфурт. Сепак, првично автомобилот ќе се нуди со класични LFP батерии во две изведби. Основната верзија ќе има 41,9 kWh и 110 kW, со најавен досег од 325 километри според WLTP, додека посилната верзија со 52,8 kWh ќе нуди до 416 километри, односно до 602 километри во градски услови.
MG4 EV Urban добива и 12,8-инчен централен екран, пакет асистенти MG Pilot, можност за возење со една педала и сериски вградена топлинска пумпа. Производителот најавува и гаранција од седум години или 150.000 километри, додека верзијата со полуцврста батерија треба да пристигне кон крајот на 2026 година.
Покрај електричната офанзива, MG паралелно ја турка и Hybrid+ технологијата. Според компанијата, системот користи еден централен чип наместо повеќе одделни контролни единици, со што комуникацијата се забрзува од милисекунди на микросекунди. Во основата се 1,5-литарски бензински мотор, 100 kW електромотор и батерија од 1,83 kWh, а за европските пазари е развиен и тристепен автоматски менувач за подобра ефикасност и при високи брзини.
Со ова MG јасно покажува дека сака да донесе поскапи и понапредни технологии во подостапниот сегмент. Ако SolidCore навистина ги исполни најавените бројки, брендот би можел да добие силен адут во борбата за европските купувачи веќе во следниот период.









